Царовска – Сугарески во Неготино: Се трудиме максимално да ги забрзаме сите проекти и економијата да ја вратиме на старите патеки на раст

Од:

Зградата со социјални станови во Неготино треба да биде готова во предвиениот рок од 18 месеци. Во земјав во моментов се градат пет социјални згради во Пробиштип, Скопје-Бутел, Виница и Свети Николе со вкупно 506 станови, а вкупно предвидените средства се над три милиони евра

Ова го истакнаа вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при денешниот увид во градежните работи на зградата во Неготино, а за која изразија задоволство од динамиката на изградбата.

Оваа социјална зграда е прва од ваков тип во оваа општина, ќе биде со капацитет од вкупно 62 стана со површина од 35 и 45 квадратни метри и ќе биде наменета за 62 семејства од социјален ризик од општина Неготино.

Според него изградбата е многу важна да продолжи со забрзана динамика не само на оваа зграда, туку за сите капитални проекти, важна е за целокупната економија за гредежништво и гранките што ги покрива градежништвото.

-Во овие услови на здравствена криза која силно влијае врз економијата, се трудиме како Влада максимално да ги забрзаме сите проекти, за да се работи на терен, да им се исплаќаат плати на градежниците и на тој начин економијата и градежништвото да ги вратиме на старите патеки со раст, нагласи министерот.

Сугарески соопшти дека со силно темпо се одвиват сите капитални проекти во ресорот, во делот на изградба на патиштата, водоводите и канализациите и гасификацијата и додаде дека на сите проекти максимално се посветува внимание и ќе се завршуваат во рамките на предвидените рокови.

-Кога сум кај гасификацијата, ВМРО -ДМПНЕ ме прозва мене и Владата како сме доцнеле со изградба на магистралните гасоводи. Ќе кажам следно. Ако има проект на кој оваа Влада посветува толкаво големо внимание, тоа е гасификацијата на државата. Со најбрза динамика се градат и двата проекти, без застој, без никакви проблеми. Кога дојдовме на власт затекнавме 0 отсто експропријација и само празни зборови дека нешто граделе. За две и половина години ја завршивме целата експропријација и оваа година ќе бидат завршени гасоводите од Неготино до Битола и тој од Скопје до Гостивар. Тоа е начинот на кој ние работиме. Без празни фоскули како што тие правеа и се уште прават, без лаги и манипулации, само со работа и работа на терен, изјави министерот за транспорт и врски.

Задоволство изрази и вицепремиерката Царовска. -Денеска сме во општина Неготино заедно со градоначалникот, министерот за транспорт, директорот на јавното претпријатие се со цел еве и во оваа криза во која што се наоѓа државата да укажеме дека еден сектор во континуитет работи. Тоа е градежниот сектор или капиталните инвестиции постојано течат и тоа ја одржува економијата жива и тоа е многу важно во овој специфичен период за нашата држава, но и за светот. Но, секако дека е важно да се напомене дека оваа капитална инвестиција не само што придонесува во економијата, туку и директно ќе влијае на подобрување на квалитетот или стандардот на живеење на 62 семејства ранливи од општина Неготино и околината, кои во 2021 година ќе може да добијат социјален стан, истакна Царовска.

Таа оцени дека тоа укажува дека навистина како Влада и како држава се грижат и за најранливите, но исто така паралелно и за економијата.

-Сметам дека капиталните инвестиции навистина придонесуваат да останеме стабилни како економија во овој период и тие ќе продолжат. На четири локации во државата градиме и уште седум се најавени. Со ова го надминуваме проблемот со вдомување како основа за квалитетен живот што во минатото да кажеме како држава малку се инвестирало. Директно со вложувањето во социјалното вдомување во обезбедување соодветно вдомување за граѓаните што се најранливи, го менуваме нивото на квалитет на живеење. Не само што социјалниот систем придонесува со финансиска помош, туку обезбедуваме едно катче да секое семејство го добие во нашата држава, додаде Царовска.

Градоначалникот на Неготино, Тони Делков рече дека за него лично, но и за општината, од исклучително значење е да им се помогне на најранливните категории на граѓани.

-Сакам да се заблагодарам на ангажманот на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за транспорт и врски како и Агенцијата за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор за овој огромен капитален проект, со кој ќе го решиме горчливиот проблем на голем број семејства од општина Неготино, кои во изминатиот период од животот не успеале да имаат соодветни услови за живеење, нагласи Делков.

Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за републиката, Кристијан Трајковски рече дека очекува до крајот на јуни 2021 да биде готова оваа зграда. Тој очекува реализирање на проект кој се договара со Банката на Советот на Европа за изградба на нови социјални згради кои ќе овозможат кров над глава и на други лица од социјално ранливи категории.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

Орце Костов

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска