Бугарија, Србија и Унгарија се подготвуваат за „Турскиот поток“

Од:

Безбедноста на балканскиот регион и сигурното снабдување со сите клучни енергенси е заедничка цел на Србија, Унгарија и Бугарија, изјави денеска српскиот министер за енергетика Александар Антиќ, по средбата со шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто и бугарската министерка за енергетика Таменужка Петкова,

На средбата било разговарано за заеднички активности за изградба на дополнителни капацитети за транспорт на гас и можностите за приклучување кон гасоводот „Турски поток“.

– Се договоривме во наредниот период да имаме многу посилна координација во смисла на развој на нови енергетски проекти, кои ќе доведат до тоа регионот да биде енергетски постабилен и побезбеден и нашите енергетски национални суверенитети да бидат дефинирани во контекст на меѓусебната соработка, рече Антиќ.

Тој истакна дека силната координација во наредниот период треба да биде дополнителен ветар за брза реализација на нови проекти.

На состанокот станало збор и за заедничкиот проект на Србија и Бугарија за гасна интерконекција Ниш-Софија, додека со унгарската страна било разговарано за „цел спектар на соработка во гасната индустрија“.

– Сите три држави ги согледуваат и сите останати клучни гасни проекти и какво е влијанието на тие проекти на нашите три земји и дали постои потреба да градиме некоја дополнителна гасна инфраструктура во Бугарија, Србија и Унгарија, рече Антиќ.

Тој очекува дека следните неформални средби со Сијарто и Петкова ќе се случат во јули во тек на самитот на Кина и 16-те земји од Централна и Источна Европа во Софија.

Министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Сијарто изјави дека енергетската безбедност е од суштинско значење во овој дел на Европа и затоа треба диверзификација на рутите и изворите за снабдување.

Зборувајќи за природен гас, тој укажа на значењето на диверзификација на снабдувањето со рута од југ.

– Сметаме дека постои намера „Газпром“ да испорача гас во регионот на Централна Европа преку вториот гасовод „Турски поток“ и се надеваме дека нашите бугарски пријатели ќе ги имплементираат сите потребни инвестиции за да испорачаат гас за Србија, кој потоа ќе биде испратен до Унгарија и други европски земји, рече Сијарто.

Тој истакна дека таа нова рута за снабдување со гас ќе биде голем придонесувач за енергетската безбедност на регионот и изрази надеж дека ќе ја има поддршката од ЕУ.

– Затоа што тоа е во европски интерес да се унапреди енергетската сигурност на овој регион, додаде Сијарто.

Тој истакна дека значењето е уште поголемо со оглед на тоа дека во таа соработка се вклучени и две членки на ЕУ и Србија која е кандидат за членство

– Веруваме дека соработката со нас во областа на енергетиката ќе ја забрза европската интеграција на Србија и се надеваме дека нема да чекаме до 2015 година за Србија да стане членка на ЕУ, како што е предвидено во документот на ЕК, наведе Сијарто.

Проектот „Турски поток“ предвидува изградба на гасовод, кој се состои од две линии со капацитет по 15,75 милијарди кубни метри, а вкупната вредност на тој проект се проценува на 11,4 милијарди евра.

Првиот, подводниот крак наменет за испорака на гас за турските потрошувачи е завршен на крајот на април оваа година, додека другата линија е предвидена за снабдување со гас на земјите од јужна и Југоисточна Европа.