Бројот на претставки решени во корист на незадоволни осигуреници зголемен за 220 отсто

Од:

Во првите шест месеци годинава врз основа на претставки примени од незадоволни осигуреници, Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на три осигурителни друштва им изрече четири мерки од кои две се парични глоби.

Од АСО информираат дека заклучно со 30 јуни годинава добиле 82 претставки од осигуреници кои биле незадоволни од работата на осигурителните компании. Во споредба со истиот период лани, годинава бројот на поднесени претставки е двојно зголемен.

-Од вкупно 82 претставки во првото полугодие годинава 16 се решени во корист на подносителите т.е. осигурениците кои во АСО пријавиле дека се незадоволни од тоа како компанијата ја решила пријавената штета. Тоа е за 220 отсто повеќе решени претставки во корист на осигурениците во споредба со истиот период минатата година, стои во соопштението.

Во 21 случај причина за претставката била висината на надоместокот што осигурителното друштво го понудило за компензација на настанатата штета. Тие претставки не се процесирани затоа што АСО не одлучува за висината за понудениот надоместок за штета.

Во корист на компаниите се решени 34 од сите поднесени претставки. За седум претставки е утврдено дека се поднесени без основ, две се повлечени од страна на подносителите, а за уште две постапаките се во тек.

Од аспект на видот на осигурување, најмногу претставки – 33 се поднесени за штети настанати кај осигурување од автомобилска одговорност (најзастапената класа на осигурување која е задолжителна со закон). За оштетни побарувања покриени со осигурување од незгода биле поднесени 19 претставки, а девет поднеле незадоволни осигуреници од осигурување имот. Пет претставки се за осигурување живот, две за здравствено осигурување, а по една за осигурување посеви и плодови, патничко осигурување, каско осигурување, осигурување финансиски загуби и осигурување од ошта одговорност. Две претставки се поднесени за останатите видови осигурување.

Како причина за незадоволството на осигурениците во 29 случаи бил основот за исплата на штета, а во 21 случај висината за надоместокот. На рокот во кој компанијата треба да одговори по приговор се жалеле петмина подносители на претставки. По четири претставки има за рокот за обработка на штета и за исплата на надоместок, а две за висината на регрес. Уште десет претставки се поднесени по останати основи за поднесување.

Од АСО посочуваат дека најмногу претставки во првото полугодие годинава се поднесени за работењето на „Уника“ – 13. По девет претставки се поднесени за „Халк Осигурување“, „Граве неживот“ и „Еуролинк Осигурување“. Осум за „Винер“, по пет претставки поднеле осигуреници за работата на „Кроација живот“ и „Евроинс“. По четири претставки се поднесени за „Сава осигурување“, „Триглав Осигурување“ и за работата на „Осигурителна полиса“. По една претставка за: АДОР „Македонија“, „Кроација осигурување – неживот“, „Граве“, Националното биро за осигурување и осигурителното брокерско друштво „СН Брокер“. Во овој период нема претставки од осигуреници на: „Винер лајф“, „Триглав живот“ и на „Уника живот“.

Од вкупниот број на поднесени претставки 67 се поднесени од граѓани, а 15 поднеле правни лица.

Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или ако не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

Би можело да ве интересира

Македонските граѓани вложиле 87 милиони евра во осигурување на своите возила

Орце Костов

Граѓаните потрошиле 685.000 евра на патничко осигурување во јули, во зелен картон се вложени 2,8 милиони евра

Орце Костов

АСО: Вложувањата во неживотно осигурување надминаа 10 милијарди денари

Осигурениците наплатија 71 милион евра, осигурителните компании исплатија над 100 000 штети

Осигуреник наплатил 308.000 евра штета за осигуран имот

Ана Ололовска

АСО: Продажбата на полиси достигна 122 милиони евра, осигурувањето порасна за 18 отсто

Ана Ололовска