Бизнис форум за зајакнување на капацитетите на МСП и искористување на ЕУ фондовите

Од:

Зајакнување на капацитетите на малите и средните претпријатија (МСП) за искористување на расположливите ЕУ фондови и преку тоа да се зајакне нивната конкурентност, како на национално, така и на меѓународно ниво, е целта на бизнис форумот „Подобрување на соработката и интеракцијата помеѓу клучните актери во процесот на развој на конкурентоста на националната економија“ што се одржа денеска во Скопје.

Како што посочи Александра Каракашова Сачкарска, тим лидер на проектот „Јакнење на локалните бизниси за глобалните предизвици“ во чии рамки се организира форумот, проектот се состои од неколку компоненти. Првата е зајакнување на капацитетите за искористување на фондовите од ЕУ програмите преку реализирање на тренинзи и обуки, втората е примена на стекнатите знаења во пракса, а третата компонента е зајакнување на соработката меѓу МСП, невладините организации, бизнис секторот, јавните и образовните институции.

– Бизнис форумот е дел од третата компонента и веќе е потпишан Меморандум за соработка меѓу МСП, јавните и образовните институции, стопанските комори и бизнис секторот за подобрување на нивна соработка за заедничко планирање на активности и настап на ЕУ фондовите, информира Каракашова Сачкарска.

Прашана зошто домашните компании тешко ги користат ЕУ фондовите, таа посочи дека во текот на овој проект, како проблем ги увиделе комплексните апликации што ги нудат програмите и капацитетот на нашите МСП.

– Многу често тоа се мали претпријатија кои имаат само неколку вработени и тие немаат доволно ниту човечки рисурси, ниту капацитети за да земат и да го истражат подобро, да спремат предлог проект, а од друга страна се комплексните критериуми, технички, финансиски, кои тие треба да ги исполнат за да можат да ги задоволат бараните критериуми во таква една спецификација, вели Каракашова Сачкарска.

Додаде дека државата им помага на МСП преку Фондот за иновации и технолошки развој, Агенција за поддршка на претприемаштвото и низа други програми и проекти што се финансирани од ЕУ.

Професорот на Машинскиот факултет во Скопје, Радмил Поленаковиќ истакна дека е факт оти без иновативност нема конкурентност, а нашите мали и средни компании во изминатите години поинтензивно се фокусирале на оваа проблематика.

– Нашите мали и средни компании во измантиве неколку години поинтензивно се фокусираат и на оваа проблематика бидејќи и самиот екосистем во државата полека зрее и мислам дека со формирањето на неколку институции, пред се Фондот за иновации, каде се фокусирани големи пари за развој на иновативноста кај МСП, допрва ни претстои еден „бум“ кој ќе ја зголеми конкурентноста кај нашите фирми, вели професорот Поленаковиќ.

Вели дека она што недостасува е врската со универзитетите, односно дека многу мал број на факултетите имаат директна соработка со стопанството.

– Решението како тоа да се надмине има два начина. Ние на Машински факултет сме можеби позитивен пример каде самите компании доаѓаат, лоцираат проблем и колегите заедно со студентите работат во проектни тимови за решавање на тој проблем. Веќе неколку комапнии имаат донирано и средства и опрема во насока на развој на нови производи кои заедно, нашите студенти, професори, со ментори од стопанството ги развиваат, вели Поленаковиќ.

Прашан дали младите што си заминуваат имаат влијание врз развојот на конкурентноста на малите и средните компании кај нас, тој посочи дека искуствата покажуваат дека прво најдобрите си заминуваат.

– Тоа е лошо. За да се задржат младите има начини, прво да се покачат платите кај нас во компаниите особено кај странските инвеститори кои вработуваат многу инжинерски и среднотехнички кадар и уште повеќе да се форсира самовработувањето, развојот на претприемачкиот дух и младите да започнуваат сопствен бизнис. Без тие две насоки на движење на развој нема перпсеткива за нашата држава, рече професорот.

Имено, проектот е финансиран од Европската Унија, а се спроведува од страна на „Милиеуконтак Македонија“, во партнерство со „CEIPIEMONTE S.c.p.a.“ од Торино, Италија, во времетраење од 18 месеци.

Би можело да ве интересира

Бизнис заедницата бара повлекување и запирање на предлог Законот за данок на солидарност

Потпретседател на ССК проф. д-р Симов: ИКТ секторот, туризмот и агро бизнисот главни сектори за соработка со Бугарија

Ана Ололовска

Економијата на САД во март отворила 431.000 работни места, добар знак за Администрацијата на Бајден

А1он

Ќе се подобрува бизнис климата за развој на женското претприемништво

Ана Ололовска

Инфософт групацијата прослави 30 години постоење!

Ана Ололовска

Избрани најдобрите „зелени бизнис идеи“ за годинава

Жарко Настоски