Бесими: Со прераспределба на средства од Буџетот се обезбедуваат повеќе средства за капитални инвестиции и енергетската криза

Од:

Буџетски средства во висина од околу 5,4 милијарди денари ќе се прераспределат за зголемување на капитални инвестиции, за здравство, за надминување на енергетската криза, како и за субвенции за земјоделство и рурален развој, за стипендии и студенски домови, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, образложувајќи ја Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетски корисници и фондови која денеска е усвоена на Собрание.

Одлуката за прераспределба на средствата е согласно воспоставениот КАПЕФ механизам којшто ја следи реализацијата на капитални инвестиции.

„Со Одлуката, 930 милиони денари се обезбедуваат како финансиска поддршка на АД ЕСМ за надминување на енергетската криза. Дополнително 780 милиони денари се обезбедуваат за подмирување на обврски кон земјоделците по основ на субвенции за земјоделството и руралниот развој. За здравство се обезбедуваат 741 милион денари, во чии рамки се средства за јавните здравствени установи, за програмата за целосно здравствено осигурување, за набавката на вакцини против КОВИД-19, за лековите за ретки болести и слично. Понатаму 300 милиони денари се обезбедуваат за земјоделство, меѓу коишто и за реализација на проектите за изградба на браните Конско, Речани, за хидросистемите Равен Речица, Злетовица, како и средства за затворање на проектот Јужновардарска долина“, истакна Бесими.

Воедно се обезбедуваат 166 милиони денари за целосно завршување на проектот за изградба на социјални станови, 260 милиони денари за ТИРЗ и 418 милиони денари се обезбедуваат како финансиска поддршка на државни компании погодени од кризата.

Средствата се обезбедени со воспоставениот КАПЕФ механизам со којшто се воведе принципот на „наградување и казнување“ на буџетските корисници. Согласно овој механизам буџетските корисници имаа обврска да реализираат 15% од капиталните расходи заклучно со првиот квартал, 40% од капиталните расходи заклучно со вториот квартал, 65% од капиталните расходи заклучно со третиот квартал, односно 70% од капиталните расходи заклучно со 15 ноември.

Со Одлуката ќе се обезбеди подобра реализација на Буџетот на РСМ за 2021 година, во рамки на планираниот дефицит за тековната фискална година, истакна министерот.

Би можело да ве интересира

Бесими: Не е реално да се очекува нов тендер за Чебрен пред избори

Орце Костов

Не смее да се вработува освен за испразнето место, но фалат луѓе во администрација вели Бесими

Анита Петровска Рајковиќ

УПОЗ ги повика Кацарска и Бесими да најдат решение за платите за вработените во Финансии

Бесими: 50 милиони евра дополнителен капитал за домашните компании за поддршка на зелени инвестиции

Средба Бесими – Басани: Нотирани постигнувањата на земјава резултат на 30-годишното партнерство со СБ

Бесими: Со прераспределбата се обезбедува гарантирана исплата на зголемените плати, пензии и поддршка на стопанството