Бесими: Од 2022 година, прагот за ДДВ обврзници се зголемува на три милиони денари

Од:

Предвидливост во даночната политика – задржување на данокот на добивка од 10% во следниот четиригодишен период, даночни бенефиции за извозниците преку нов закон за ДДВ, повластени стапки од 5% земјоделски производители и занаетчиите и подигнување на прагот за ДДВ обврзник на три милиони денари од 2022 година – oва го најави министерот за финансии Фатмир Бесими од аспект на даночната политика во својот четиригодишен мандат како прв финансиер, со цел поддршка на стопанството. Исто така, Бесими најави и намалување на парафискалните давачки до 75%.

-Да гарантираме предвидливост во даночната политика, при што данокот на добивка да остане на ниво од 10 % во целиот период до 2024 година. Да го реконфигурираме данокот на додадена вредност преку серија на мерки, започнувајќи со нов Закон за ДДВ кој ќе овозможи даночни бенефиции за претпријатијата што се извозно ориентирани, единствена стапка од 10 % ДДВ за сите ресторански услуги на што веќе интензивно работиме, ревидирање на стапките на ДДВ за суровините за домашните производители и намалување на стапката на ДДВ за земјоделските производители и намалување на стапката на ДДВ за суровините за извозно ориентираните компании, намалување од 18% на 5 % на данокот за занаетчиски услуги. Планирано е и подигнување на прагот за плаќање ДДВ од 2 на 3 милиони денари годишен промет, почнувајќи од 1.1.2022 година и изедначување со прагот на ослободување на данок на добивка до 3 милиони денари годишен промет – рече Бесими.

Министерот за финансии најави и дека ќе се започне процесот на намалување на парафискалните давачки до 75 % од сегашното ниво и нивно нивелирање во согласност со големината на стопанските субјекти, преку дијалог со стопанските комори.

Бесими најави и директна поддршка од Владата за домашните и странските компании.

-Да обезбедиме директна поддршка на домашните и странските инвестиции во износ од 300 милиони евра од домашните буџети и директна алокација на очекувани 300 милиони евра од европските фондови. Да го зголемиме обемот на финансиска поддршка за домашните компании преку Планот за економски раст за 25 % секоја година, во споредба со претходната. Да формираме посебен еквити фонд како поттик за влез на странски инвестициски фондови – вели Бесими во своето обраќање.

Тој најави и дека ќе се посвети големо внимание на отчетно и транспарентно работење, како и дека ќе се воведе т.н. бела листа на даночни обврзници, односно компании кои редовно ги исплаќаат своите даночни обврски.

-Еден од главните столбови на овој систем мора да бидат транспарентноста и отчетноста на јавните финансии. Транспарентност, изминатите години, е „клучен збор“ во политиката, но неговата реална вредност за јавните финансии е дека тоа е највисок степен на фискална контрола. Ние ќе ѝ ја дадеме релевантната информација на јавноста на едноставен и општо разбирлив начин, а јавноста ќе суди и цени дали тоа е вистинска, оправдана и легална одлука. Граѓаните се тие коишто ги вработуваат пратениците, министрите и останатите функционери, граѓаните се тие коишто носат вредносен суд за нивната работа, како и за насоката во која ќе треба да дејствуваат институциите – вели Бесими.

Би можело да ве интересира

Продолжување на рокот за поднесување ДДВ-04 пријави и надградба на ситемот е-ПДД

Мицкоски: Им фалат пари во буџетот, затоа зголемуваат данок на основни производи

Ковачевски: И 10 отсто е повластена стапка, имаме најнизок ДДВ

За власта луксуз е да јадеме риба и овесни снегулки, а мајонезот е поскап оти се грижи за нашето здравје

Орце Костов

Стојаноски: ДДВ е зголемено и за производи со замрзнати цени

МФ: Најниска повластена стапка на ДДВ за основните прехранбени производи, листата се дополнува и со дигиталните учебници

Горан Наумовски