Дали ќе има нови средства за финансиска поддршка на општините поради нивните долгови, како што беше ланската инјекција од 50 милиони евра, ќе зависи од тоа дали ќе има ребаланс на Буџетот, рече денеска вицепремиерот Кочо Анѓушев.
Тој не смета дека долговите на општините се зголемуваат, туку дека или се отплаќаат или се намалуваат или, пак, во најмала рака, како што истакна, стагнираат.
– Немам сознанија за трупање нови долгови кај општините. Мислам дека долговите на општините не растат. Или се отплаќаат или се намалуваат. Во најмала рака стагнираат. Дали ќе има нови средства за поддршка во однос на долговите како ланската помош, ќе зависи од тоа дали ќе има ребаланс на Буџетот, објасни вицепремиерот, одговорајќи на новинарско прашање по доделувањеето на првите решенија за поддршка на руралниот развој.
Градоначалникот Константин Георгиески информира дека долгот на Општина Охрид во моментов е 530 милиони денари. За покривање на долгот од 1,6 милијарди, државата помогнала со 495 милиони. Од нив локалната самоуправа заштедила 260 милиони по основа на камати. Општина Тетово, пак, според градоначалничката Теута Арифи, засега има исплатено 51 отсто од долгот. За останата половина сума изготвува динамика на исплата.
Директорот на Платежната агенција Николче Бабовски дополни дека поддршката на руралниот развој чија реализација ќе се спроведува наредните три години, воопшто нема да значи дополнително финансико оптоварување на општините.
-Ова не се средства за дополнително задолжување на општините, ниту за нивно какво било финансиско оптоварување, туку директна помош што подразбира целосна, стопроцентна исплата на инвестициите, истакна Бабовски.
Во Владата беа доделени првите 17 решенија за поддршка од Програмата за рурален развој. Вкупно 202 општини и осум плански региони доставиле барања за 37,5 милиони евра. Со парите планираат да реализираат инфраструктурни проекти за обнова и развој на селата, изградба на патишта до земјоделските површини, зачувување и унапредување на традиционалните вредности, кои ќе обезбедат поквалитетен живот.
Како што потенцира министерот за земјоделство Љупчо Николовски, наместо за споменици и скулптури, Владата одлучи да вложува во капитални проекти од корист за граѓаните и државата.