Ангеловска: На новата е-платформа на Централен регистар ќе има и доброволна регистрација за ДДВ-обврзник

Од:

Од годинава, со нова електронска платформа при регистрирање на фирма во Централниот регистар, ќе може да се изврши и доброволна регистрација за ДДВ обврзник. Ова го најави министерката за финансии Нина Ангеловска на настанот за одбележување на 18 години јубилеј на Централниот регистар и посочи дека ова ќе биде големо олеснување за фирмите, бидејќи преку е-платформата ќе можат да се завршат сите формалности за започнување бизнис.

-Преку електронската платформа на Централниот регистар ќе може да се регистрира фирма, да се регистрира вработувањето на првите вработени во Агенцијата за вработување и да се изврши регистрација за ДДВ обврзник – односно скоро се што е потребно за формално започнување бизнис. Како човек кој доаѓа од реалниот сектор, можам да кажам дека ова е исклучително олеснување за оние кои започнуваат бизнис – рече Ангеловска.

Внесувањето на податоците за доброволна регистрација за ДДВ цели, Централниот регистар ќе го врши електронски, преку поврзување на своите регистри со базите на податоци на УЈП, при што УЈП ќе го доставува бројот на ДДВ во рок од 90 минути од доставувањето на податоците од страна на Централниот регистар. Целокупната документација потребна за регистрирање на фирма се поднесува во електронска форма, потпишана со електронски потпис од овластени лица, рече Ангеловска.

Таа посочи дека способноста на Централниот регистар да одговори на задачата е од исклучително значење, бидејќи игра значајна улога во создавањето на подобра бизнис клима и олеснување на животот на претприемачите и бизнисите.

-Првиот чекор кон реализацијата на секоја бизнис идеја започнува од Централниот регистар, регистрирање на фирма. Да се биде претприемач и да се води бизнис не е лесно никаде и не ни може да биде, потребна е многу напорна работа, постојано учење и справување со предизвици. Институциите тука треба да одиграат улога на ветер во грб, а не сидро кое ќе влече назад. Како? – Така што во континуитет ќе работат на олеснување на процедурите, на скратување на постапките, правејќи ги истите лесни за употреба за сите – рече Ангеловска.

Таа спосочи дека дигитализацијата e начинот на кој институциите можат ова да го постигнат, како и дека Централниот во текот на годините голем дел од своите услуги ги направил електронски. Така, ако порано требало да се носат хартии документација за да се регистрира фирма, денешните млади претприемачи тоа можат да го направат преку својот компјутер, додека времето изгубено по шалтери можат да го пренасочат на раст и развој на бизнисот, посочи Ангеловска.

Ангеловска рече дека бројот на нови фирми секоја година се зголемува и дека во 2019 година има регистрирано над 6.200 нови фирми.

Би можело да ве интересира

Бесими: Нема замрзнување на платите, работиме на системско и одржливо решение за раст на платите во јавниот сектор

Горан Наумовски

Бесими: Целосна интеграција во ЕУ значи реформи, решавање предизвици и долгорочна стабилност во регионот

Горан Наумовски

Бесими: Нема експропријација на дивоградби, законски измени заради забрзана динамика и пониски трошоци за реализација на проектите

Ана Ололовска

„Цар Борис трети“ избришан од Централен регистар

Орце Костов

МФ: Интересот за еврообврзницата поголем за половина милијарда евра од претходната аукција

Ана Ололовска

ССМ најави кривична пријава против министерот за финансии Фатмир Бесими

Ана Ололовска