Ангеловска-Бежоска на Годишниот форум на Виенската иницијатива: Се обезбедува платформа за дијалот на финансискиот сектор во текот на коронакризата

Од:

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на Годишниот форум на Виенската иницијатива, како член на Надзорниот одбор во кој ги претставува шесте земји од Западен Балкан. Настанот, како што соопшти Народната банка, се одржа телеконференциски и претставуваше одлична можност за заедничка дискусија на регулаторите на банкарските системи во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ), финансиските институции и меѓународните финансиски институции за влијанието на корона-кризата врз економиите од нашиот регион.

На Форумот, се презентирани видувањата на Меѓународниот монетарен фонд, по што учесниците, вклучително и мултилатералните банки за развој и институциите на Европската Унија (ЕУ) ги презентираа своите досегашни мерки и натамошните планови за економски одговор на влијанието од корона-кризата.

Од Европската комисија е претставен пакетот мерки што овозможува исклучителна фискална поддршка за компаниите, домаќинствата и здравствениот сектор, зголемена флексибилност при примена на банкарската регулатива преку пакетот регулаторни измени усвоен во април, релаксирање на правилата за државна помош, како и поддршка на пазарите на труд преку обезбедување на средства од ЕУ за програми за привремени вработувања. Закрепнувањето на економијата ќе биде поддржано и од предложениот нов буџет на ЕУ и со Инструментот за закрепнување преку кој се овозможува поддршка во вкупен износ од 750 милијарди евра.

Претставен е и пакетот мерки за солидарност на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), со кој се предвидува во текот на оваа и следната година, севкупната своја активност, таа да ја посвети на справување со кризата. Од страна на ЕБОР се планира финансирање од околу 21 милијарда евра и активирање на програмата за обезбедување краткорочна ликвидност на клиентите, што веќе е зголемена од една милијарда на четири милијарди евра. ЕБОР значително ја зголемува и поддршката за прекуграничната трговија. Тоа го остварува со својата Програма за поддршка на трговијата и овозможување брз советодавен одговор на предизвиците со кои се соочуваат земјите при справувањето со кризата.

На Форумот, како што е презентирано, во текот на следните 15 месеци, за справување со здравствените, економските и социјалните шокови, Групацијата на Светската банка ќе обезбеди финансиска поддршка во вкупен износ до 160 милијарди американски долари, при што дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на земјите од Виенската иницијатива.

На Форумот е претставен и Паневропскиот гарантен фонд од 25 милијарди евра, што во текот на минатиот месец го воспостави Групацијата на Европската инвестициска банка (ЕИБ), за да ја зголеми својата поддршка за реалната економија, со фокус на малите и средните компании. Покрај тоа, ЕИБ издвои и 1,7 милијарди евра за финансиска поддршка на економиите од Западен Балкан, како и 6 милијарди евра за поддршка на здравствените услуги и на истражувачките и развојните проекти во сферата на критичната здравствена инфраструктура и опрема.

Претставниците на прекуграничните деловни банки присутни во ЦИЈЕ истакнаа дека и натаму ќе бидат активни ворегионот, при што ги поздравија мерките што ги преземаат носителите на политиките. Истовремено тие ја истакнаа важноста на ефикасното управување со капиталот и ликвидноста и изразија подготвеност за натамошен дијалог со меѓународните финансиски институции, со цел соработка во обезбедувањето финансиски производи потребни за справување со кризата.

Во соопштението од Народната банка стои дека претседателот на Надзорниот одбор на Европската централна банка, Андреа Енриа, истакна дека сега, позицијата на банките, како во однос на капиталот, така и во однос на ликвидноста е посилна во споредба со глобалната финансиска криза од 2008 година. Како што истакна тој, кај банките има зголемено кредитирање во првиот квартал од годината, додекакритериумите за кредитирање по избувнување на корона-кризата се помалку затегнати отколку за време на претходната криза од пред речиси дванаесет години.

Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во дискусијата на Форумот, ја истакна подготвеноста на нашата централна банка да учествува во димензионирањето на натамошните активности за справување со корона кризата, како и во активностите за идентификување механизми за поддршка на иновациите, развивањето на финансиските системи и решавање на нефункционалните кредити.

Учесниците на настанот се согласија дека како и во 2009 година кога беа актуелни предизвиците од глобалната финансиска криза, Виенската иницијатива и сега треба интензивно да презема активности за развивање на дијалогот и соработката меѓу нив, со цел да се намали влијанието на актуелната криза врз европските економии во развој. Притоа е искажана подготвеност и решеност за проширување на Виенската иницијатива и со други земји од Европа, како и со вклучување на други заинтересирани страни од финансискиот сектор.

Учесниците, стои во соопштението, ја поддржаа и одлуката за формирање работна група за поттикнување конструктивен дијалог помеѓу деловните банки што работат во ЦИЈЕ и меѓународните финансиски институции, во однос на потребите на пазарот и карактеристиките на инструментите, со цел поддршка на корпоративниот сектор за време и по завршување на пандемијата на Ковид-19.

Минатата година, гувернерката Ангеловска-Бежоска беше избрана за член на Надзорниот одбор на Виенската иницијатива, како претставник на шесте земји од регионот на Југоисточна Европа коишто сѐ уште не се членки на ЕУ.

Би можело да ве интересира

Монетарната поставеност соодветна на економските и финансиските движења, оценува Народната банка

Ана Ололовска

Народна банка: Продолжува трендот на намалување на просечната каматна стапка

Ана Ололовска

Народната банка објави видео за плаќање со мобилен телефон

Ана Ололовска

Народната банка започна со одржување серијал е-работилници за новинари

Ана Ололовска

Раст на кредитите и депозитите во јуни и на месечно и на годишно ниво

Ана Ололовска

НБ и ОПМ заеднички за заштита на корисниците на услугите на банките и штедилниците

Ана Ололовска