Ангеловска-Бежоска: Корона-кризата повеќе ги погоди жените, нагласувајќи ја потребата од засилени активности за родова рамноправност

Од:

Корона-кризата во глобални рамки го нагласи уште повеќе прашањето за родовата рамноправност и степенот на вклученост на жените во општеството, бидејќи согласно со расположливите податоци, таа несразмерно повеќе ги погодува жените од мажите. Пандемијата наметна потреба од рестриктивни мерки коишто најмногу ги засегнаа дејностите коишто се засноваат на социјална интеракција, односно услужниот сектор, но и неформалната економија, каде што учеството на жените е поголемо. Со тоа, корона-кризата дополнително ја истакна и потребата од засилување на активностите за овозможување родова рамноправност.

Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, на панел-дискусијата на тема „Ковид-19 и економското влијание врз жените“, на Првата годишна конференцијa на Министерството за надворешни работи – „Жените во надворешната политика“.

Конференцијата се одржува во организација на Министерството за надворешни работи, на иницијатива на заменик министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, а под покровителство на првата дама на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска.

Во дискусијата, гувернерката осврнувајќи се на состојбите во регионот на земјите од Западен Балкан, посочи дека според студии на меѓународни институции секоја година економиите на регионот имаат загуба од околу 18 отсто од нивниот БДП, како резултат на родовиот јаз на пазарот на труд, како и дека две третини од изгубениот доход се објаснува токму со ниската вклученост на жените на пазарот на труд.

– Во околности на здравствена криза, особено загрижува натамошното зголемување на неактивноста кај жените. Поголемата вклученост на жените во работната сила носи придобивки не само за жените, туку и за целото општество, при што според повеќе студии се заклучува дека повисоката вклученост на жените може да доведе до БДП повисок за дури десет отсто во развиените земји и дури 30 отсто во земјите во развој, напомена Ангеловска-Бежоска.

Меѓудругото, таа истакна дека за поголема вклученост на жените се потребни институционални политики коишто ќе овозможат еднаков пристап до образование, здравство, како и поголем пристап до финансии.

– Оттаму, неопходни се активности за олеснување на пристапот до финансии, зголемување на финансиската едукација, особено кај жените со пониски примања, зголемување на дигиталните вештини, создавање посебни фондови за финансиска поддршка на инвестициите на жените, посочи Ангеловска-Бежоска.

На панел-дискусијата, покрај гувернерката, учествуваа и претседателката на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и почесна конзулка на Канада, Анета Антова-Пешева, членката на Управниот одбор на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Ќаније Селими, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија и почесна конзулка на Унгарија, Данела Арсовска и Надире Реџепи, од Иницијативата за економски развој на Ромите – РЕДИ.

Вчера, на првиот ден од Конференцијата, се формира првата Мрежа на жени дипломати од Западен Балкан 6, со амбиција истата да се прошири и на Регионот од Југоисточна Европа. Во заедничката декларација, усвоена вчера, беше посочено дека препознавањето на родовата еднаквост е основа за целосно и еднакво уживање на сите човекови права, како и нејзиното суштинско значење, со цел да се постигне фер општество.

Би можело да ве интересира

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Ана Ололовска

Позначајни движења кај останатите финансиски институции (ОФИ): прв квартал на 2023 година

Ана Ололовска

Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Самит во Црна Гора: Истрајноста на политиките е од суштинско значење за стабилизирање на инфлацијата

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска на Универзитетот во Штип: Дефицитот на тековната сметка во 2023 година ќе се намали при помали цени на енергентите

Ана Ололовска

Ангеловска-Бежоска: Инфлацијата ќе се намалува, на среден рок ќе се сведе близу до историскиот просек

Горан Наумовски