Анализа: Се стега „ременот“ – јавниот долг ќе расте, како ќе се враќа?

Од:

Јавниот долг ја надмина психолошката граница од 60 %, искачувајќи се на 60,7%. И до година ќе се земаат заеми, но според првичните информации, Владата “пари“ ќе бара на домашниот пазар, пишува „Порталб“. Според економистите, секое позајмено евро треба внимателно и рационално да се троши зошто ќе дојде време да се враќа – со камата.

Дали банките ќе станат стратешки кредитори на домашниот пазар…

Близу 1 милијарда и 900 милиони евра должи државата на домашните кредитори – банки, пензиски фондови, осигурителни компании. Се зголемува салдото на внатрешниот долг, но се менува и рочноста на долгот. Во октомври годинава во споредба со октомври лани, краткорочниот долг е намален на 29,24%, а долгорочниот е зголемен на 70,76%.

Во неодамна усвоениот ребаланс на Буџетот, Владата потврдува дека задолжувањата на домашниот пазар годинава се зголемени, а дел од парите ќе се трошат и до година.

„Во рамки на домашното задолжување кое е предвидено на ниво од 36,3 милијарди денари (590 милиони евра) се реализира со краткорочен заем од домашни банки во износ од 8.17 милијарди денари, како и со задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност во износ од 28,1 милијарди денари со истовремена отплата на државни обврзници во износ од 6,6 милијарди денари, при што ќе се реализира максимален износ на нето задолжување преку државни хартии од вредност во износ од 21.5 милијарди денари кои ќе бидат искористени за финансирање на потребите во тековната 2020 година како и за делумно финансирање на 2021 година“ се наведува во буџетскиот документ.

Ова значи и дека со нови заеми ќе се враќаат доспеани долгови. По увид во податоците на Министерството за финанасии „Порталб“ анализира дека најголем дел од долгот или 42,7% отпаѓа на пензиските фондови, а ведаш зад нив се банките со 36,4%.

Дел од економистите коментираат дека е очекуван растечки тренд и на надворешниот и на внатрешниот долг и догодина, но велат дека Владата треба да се сврти кон домашното задолжување со оглед на високата ликвидност, односно вишок на пари што ги имаат, особено банките. Плановите за нови заеми мора да одат во пакет со планот како ќе се враќаат – вели економистот Павле Гацов.

„Ова темпо на задолжување ќе продолжи и догодина. Ние мора да имаме план со кои пари, со кои финансии ќе се сервисираат функциите на државата. Би рекол мора да се размислува со кои “помеки“ задолжувања ќе се премостат следите пет години. Ние сега зборуваме за некој среднорочен, па дури и долгорочен период кој ќе биде потребен за заздравување на економијата. Ќе дојде момент покрај тековното, да треба да се враќа и она што сега го трошиме. Да немаме дилема дека ќе дојде денот кога ќе мора да се случи и корекција во даночната политика – раст на даноците, но тоа мора да се спроведува внимателно, а не да се каже преку ноќ – даноците се зголемуваат“, вели даночниот експерт Павле Гацов.

Експертите се едонгласни дека на маса се две сценарија кога зборуваме за одржување на макроекономската стабилност од аспект на задолжувањата – или да се постигне ударнички процент на раст на БДП кој ќе овозможи “приливи“ за враќање на долговите или “поцрното сценарио“, во некое идно време да се посегне по зголемување на даноците за да се обезбедат финансии за сервисирање на обврските на државата, меѓу нив и редовна отплата на долговите.

Според последните информации, Јавниот долг на крајот од септември изнесува 6 милијарди и 572 милиони евра и во однос на јануари е зголемен за 1 милиjарда евра. И во процентуален и во апсолутен износ ова е највисоко ниво на задолженост на државата. Големиот пораст е последица на зголемените буџетски расходи за ублажување на последиците од економската криза во која западна земјата поради пандемијата на Ковид 19.

Анализа на Порталб

Би можело да ве интересира

Државата да ја регулира заштитата на националната критична инфраструктура и да ја унапреди заштитата на јавните места пред да доживееме трагичен напад

Орце Костов

Анализа на Собрание: Половина пратеници говорат без аргументи, нема почит кон личноста на колеги од друга партија

Орце Костов

Репортажа – Грција: Цени и услуги, дождот го „потопи“ почетокот на летната сезона!

Ана Ололовска

Шесте најзадолжени општини имаат долг од 36 милиони евра, високо котира и Град Скопје

Ана Ололовска

Анализа: Јавните претпријатија меѓу најголемите „работодавачи“

Ана Ололовска

(Анализа) Администрација пребројана: вработени 129 374 лица

Ана Ололовска