Јанакиески: Македонија ќе биде лидер во Европа во електронска продажба на градежно земјиште

Од:

На 1 април 2013  година во сила ќе стапат измените во Законот за градење, според кои општините се задолжени да издаваат градежни дозволи по електронски пат. За законските измени се дискутираше вчера и денеска во Струга на четвртото советување за важни закони од областа на транспортот . Организатор е Заедницата на единиците на локалната самоуправа-ЗЕЛС,  во соработка со Министерството за транспорт и врски.

Во рамки на советувањето, денеска беше презентиран и новиот софтвер  за следење на договорите во делот на продажбата на градежното земјиште кој, како што истакна министерот Миле Јанакиески,  досега беше воспоставен само за потребите на Министерството.

– Министерството за транспорт и врски во соработка со ЗЕЛС воспостави нов систем. Електронски, веднаш по завршувањето на јавното наддавање,  софтверот ќе го прими договорот и потоа електронски ќе ги следи сите обврски што произлегуваат согласно со Законот за градежно земјиште. Ова првпат се презенитира пред претставниците на општините, и тие  веќе имаат претстава како ќе изгледа новиот софтвер кој веќе се генерира, за што ЗЕЛС има склучено договор за електронско одобрение за градење. Се надеваме дека оваа новина ќе ја направи Македонија лидер во делот на одобренија за градење, не само на Балканот, туку и во Европа, изјави Јанакиески. Подвлече дека овој закон е работен според примерок од Сингапур, која е прва земја во светот во областа на електронско одобрение за градење.

Повеќе од 300 претставници на општините ги проследија и презентациите на Министерството и за транспорт и врски за законите за проценка, измените на  Законот за јавна чистота, Законот  за превоз во патниот сообраќај, Законот за постапување со  бесправно изградени објекти, како и Законот за градежно земјиште.

Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Скопје Коце Трајановски рече дека ЗЕЛС во континуитет дава конструктивни забелешки по сите законски измени и предлага нови закони, со цел граѓаните да добијат покорисни услуги. Како дел  од поважните законски одредби, тој ги потенцира измените во Законот  за јавна чистота.

– Овозможено е сите комунални редари на територијата на целата држава да имаат исти униформи и она што е многу важно, редарите ќе можат да легитимираат граѓаните што ја нарушуваат комуналната чистота, што со претходниот закон не беше овозможено. Факт е дека  општините немаат доволен број комунални редари и имаат изречено мал број казни, подвлече Трајановски.

Во врска со Законот за превоз во патниот сообраќај, на советувањето беше посочено дека  измените превидуваат заострување на санкции за сторителите на прекршоци, но вршењето дејност без лиценца се третира како кривично дело и предвидува трајно одземање  на возилото со кое се врши превозот.

– Градот Скопје  заедно со Министерството за транспорт и врски и останатите служби, успеа да одземе повеќе од 80 такси возила кои немаа лиценци за вршење на такси превоз, за што ги охрабрувам и останатите општини да го почитуваат овој Закон и да одземаат возила што немаат лиценци за вршење ваква дејност, рече Трајановски.

Законот за легализација, според презентациите на претставниците од Министерството за транспорт и врски, предвидува постоењето корисничко право  врз земјиштето да не биде пречка  за издавање решение за легализација, но барањата  мора да бидат  разгледани од општината најдоцна до 31 декември.

– Заради предвидување ригорозни казни, општините можат да  ангажираат времено надворешни лица да ја забрзаат постапката. Евидентно е дека голем број баратели нарачале елаборати, но не ги подигнале, па општините чекаат и постапките не се завршуваат, додаде претседателот на ЗЕЛС, Коце Трајаносвки.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

Орце Костов

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска