Алити: За подобра системска подготовка за даночењето на капиталната добивка потребно одлагање уште година дена

Од:

На 23-ти септември во Охрид во организација на Македонската берза АД Скопје се одржува дваесет и првата Годишна конференција. Овој форум на кој се анализираа трендовите на пазарот на капитал и економијата на едно место ги собра претставниците на повеќе сегменти од финансискиот сектор и институции на пазарот, компаниите, и државните органи, како и сите останати субјекти чија дејност е поврзана со работењето или со инвестирањето во хартии од вредност.

Конференцијата со воведни обраќања ја отворија Министерот за финансии Д-р Фатмир Бесими, Претседателката на Комисијата за хартии од вредност, М-р Нора Алити и Главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје Иван Штериев.

Во оваа прилика, Претседателката на КХВ Нора Алити меѓудругото истакна дека искористувајќи ги предностите на дигиталната технологија се зголеми способноста за да се делув брзо, ефикасно и решително. „Силно инвестираме во модернизацијата на ИТ инфраструктурата – вклучително со тоа да станеме еден од првите регулатори во земјата што целосно ги дигитализира процесите, зголемувајќи ја транспарентноста, а и нашата способност за надзор„ нагласи Алити. Кога станува збор за интегритетот на пазарот, како дел од проактивен односнос, според Алити јасно е демонстрирано дека не постои сценарио во кое ќе се прифати површното делување на филозофијата – не прашувај-не кажувај-не делувај.

„Комисијата е отворена за бизнис, но не е отворена за субјекти кои не ги исполнуваат нашите регулаторни очекувања и легислативни барања„ , децидно нагласи Алити. „Летвата ја поставивме повисоко на самите порти, пришто не дозволуваме учество на субјекти кои можат да ја нагризат довербата на пазарот на капитал”.

Претседателката на КХВ Нора Алити го презентираше и ставот на Комисијата за хартии од вредност во однос на сега актуелното прашање за одданочување на капиталната добивка од вложувања во акции и во удели , при што нагласи дека „Заради подобра системска подготовка за оперативната постапка на одданочувањето на капиталната добивка, апелираме на дополнително одлагање за уште една година поради потребата од нејзино поедноставување”.

Комисијата го поддржува предлогот на Берзата постапката да се централизира во Централниот депозитар за хартии од вредност, со што сега предвидената сложена административна процедура нема да претставува бариера за инвеститорите,, заклучи Претседателката на КХВ Нора Алити.