АЕК распиша тендер за научна студија за влијанието на 4Г и 5Г мрежите врз здравјето и околината

Од:

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша меѓународен тендер за избор на компанија која ќе изработи научна студија „Влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди и технологии врз здравјето на луѓето и околината – животната средина која не опкружува (4Г, 5Г)“.

Тендерот е објавен во Бирото за јавни набавки, а заинтересираните компании кои ќе ги исполнат бараните критериуми врзани за стручноста, искуството и експертизата, своите понуди ќе можат да ги доставуваат до 22 декември. Избраната компанија со која ќе биде склучен договор ќе има обврска во рок од шест месеци да ја изработи бараната студија која ќе биде и основа за понатамошните чекори кои ќе ги презема АЕК врзани за развој на безжичните телекомуникациски мрежи во земјава.

-Веројатно ниту една технолошка револуција не поминала без да предизвика страв кај одредена категорија луѓе. Иако, реално, 5Г за обичниот граѓанин ќе значи само надградба на 4Г мрежата којашто сега е во функција, сепак во АЕК постојано пристигнуваат поплаки кои се мотивирани од страв од новата генерација 5Г мрежи и барања да се отстранат антени за кои граѓаните сметаа дека се од новата генерација, изјави Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

И мобилните оператори, додаде, имаат проблеми во поставувањето на антени за 4Г мрежа кои се инсталираат за подобра покриеност и подобри услуги.

-Денес веќе е дојдена ситуација дотаму што секој нов предавател се смета дека е антена за 5Г мрежа. Па дури имавме ситуација каде две антени без запалени, веројатно од оние кои веруваат во опасноста од 5Г мрежата, кои сметале дека станува збор за такви антени. Затоа и решивме да распишеме меѓународен тендер за избор на компанија која ќе направи сеопфатно истражување, мерење и анализа за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните. Веруваме дека со неа ќе имаме документ каде точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г мрежата, посочи Димитријоски.

Научната студија, како што е наведено во тендерската документација, треба да даде јасна слика за моменталната ситуација со влијанието на зрачењата од телекомуникациските алатки поткрепена со факти, да разработи методологија за мерење, лоцирање и спроведување на мерењата, да содржи анализи и извештаи врз база на добиените информации и извршените мерења. Со неа треба да бидат објаснети зрачењата кои ги создаваат телекомуникациските уреди, нивните гранични вредности на дозволена јачина на зрачење, дефинирано како максимално дозволено, за да не се премине прагот од нештетно во штетно зрачење по здравјето на луѓето како и заштита на околината.

-Територијата на Македонија е покриена со 2Г ,3Г и 4Г мрежа, а операторите се во фаза на подготивкин за изградба на 5Г, понатаму и 6Г и други генерации на мрежи. Во јавноста се отвора дебата поврзана за влијанието на овие технологии врз здравјето и животната средина. Имајќи предив растот на создадениот страв во јавноста, потребно е да се покаже теоретски и практично дека изложеноста на радиофреквентни електромагнетни полиња (RF RFM) во различни микрооколини на постојните мобилни мрежи, вклучително и на новата 5Г мрежа, се во согласност со сите светски препораки, стои во документацијата.

Научната студија треба да докаже и прикаже дали до денес постојат или се докажани некакви здравствени ризици од изложување на RF EMF зрачења, од јавните здравствени агенции и СЗО. Таа треба да опфати и теоретски објаснувања и видови на зрачења, европската регулатива, директивите од меѓународни организации за телекомуникации, приказ на развој на мобилните технологии, научни стандардизации како и примери од земји кои имаат 3,4 и 5Г режи и друго.

Исто така, се очекува таа да даде и препорака за употреба и изградба на постојната и идната 5Г мобилна мрежа, каде да се изгради, растојание меѓу нив, како и проценка на ризик по здравјето како резултат на изложеност на EMF во различни микросредини.

Би можело да ве интересира

АЕК објави тендер за одобренија за 5Г

А1он

АЕК објави студија за влијанието на зрачењето од телекомуникациските уреди и технологии

Ана Ололовска

Преку мобилен, интернет користат 1 398 860 претплатници

Ана Ололовска

Од 1,66 милиони претплатници во мобилната телефонија, 1,3 милиони користат мобилен интернет

Ана Ололовска

АЕК објави резултати од мерење на квалитетот на мобилните мрежи на А1 и Македонски Телеком во Тетово и Илинден

Ана Ололовска

Кампањи на АЕК за заштита од измами на интернет

Ана Ололовска