Заштита на културното наследство- врвен приоритет за министерката за култура Стефоска

Од:

Заштита на културното наследство, санирање на штетата од проектот Скопје 2014, ревидирање на Колективниот договор, обезбедување услови за работа на културните работници, одбележување два јубилеја-50 години од смртта на Параскева Кирјази и 100 години од раѓањето на Блаже Коневски, отворање и затворање на поглавјето 26 од преговорите со ЕУ кое се однесува на културата, се дел од приоритетите во програмата на новата министерка за култура Ирена Стефоска, презентирана денеска.

-Клучниот документ, кој ги дефинира основите на нашата мисија во културата, е Националната стратегија за развој на културата за периодот 2018-2022 година која беше изгласана во Парламентот без ниту еден глас против пред две и пол години. Тогаш опозицијата беше воздржана. Тоа е и добар сигнал дека оваа Стратегија беше донесена и со еден вид премолчен консензус од страна на опозицијата бидејќи гласаа воздржано, истакна министерката Стефоска, која рече дека и е предизвик да води ресор кој по својата природа ги промовира креативноста, хуманистичките вредности и слободата на духот.

Таа рече дека заштита на културното наследство, како национална меморија, е приоритет на секоја одговорна Влада. Нејзин приоритет е суштинска грижа за недвижното, движното и нематеријалното наследство.

-Зборуваме за непроценливо богатство што како амалган од соништата на сите наши предци е живата врска со нашата современост. Одговорни сме пред предците, кон нас самите, кон идните генерации и кон светот да го сочуваме нашето наследство. Впрочем едно од клучните барања и на ЕУ кон РСМ е токму заштитата на културното наследство. Во оваа смисла да не ги забораваме и нашите обврски кон УНЕСКО, Охрид и охридскиот регион, зошто едно е, вредно е, наше е, светско е, истакна министерката.

Таа потесети дека како поранешна претседателка на Комисијата за култура во Собранието на РСМ била иницијатор за организирање надзорна расправа за Охрид и охридскиот регион од која откако беа преслушани преку 13 сведоци произлегле 22 заклучока.

-Не помалку важно е што во рамките на Програмата за прославување јубилеи на историски настани и еминентни личности за периодот од 2020-2021 година на 40-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО беа потврдени двата јубилеја предложени од страна на нашата држава. Така заедно со УНЕСКО годинава се сеќаваме на 50-годишнината од смртта на големата интелектуалка Параскеви Киријази која претседавала со Советот за кодификација на албанскиот јазик во Битола 1908 година, додека пак следната година УНЕСКО се придружува кон големиот јубилеј 100 години од раѓањето на великанот на македонскиот јазик и книжевност академик Блаже Конески, истакна Стефоска.

Нејзина прва задача како министерка е овозможување и воспоставување ефикасен систем за заштита на културното наследство и раскрстување на вандалскиот однос кон наследство.

-Од надлежните институции побарав детални податоци и анализи за црквата „Св. Ѓорги“ во Курбиново каде што по седум години изготвување проекти досега се спроведени само заштитна покривна конструкција и превентива на ѕидното сликарство, иако со децении сме сведоци на ужасната состојба во која се наоѓа црквата. Замислете, зборувам за културно добро од 12. век со светска вредност. Тоа не е само наше национално, тоа е светско добро. Се прашувам зошто во последниве децении црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново или ако сакате ангелот од Курбиново не била прогласена досега т.е. во годините претходно од надлежните институции за културно наследство во опасност иако Законот за заштита на културното наследство тоа го наложува во еден конкретен член. Таквиот статус добро во опасност значи да се мобилизираат сите стручни и материјални ресурси во земјава и да се вклучат и меѓународни експерти и ресурси за трајно решавање на проблемот, вели Стефоска.

Таа праша зошто досега не бил применет овој пристап и за сите други загрозени културни добра од светско и од национално значење, како на пример манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче.

-Иако уште во 2017 година Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство повеле иницијатива за негово прогласување за културно добро во опасност. Досега не е прогласен за културно добро во опасност, потенцира министерката.

Министерката за култура лично ќе ги обиколи спомениците од Втората светска војна за да види во каква состојба се. Таа рече дека антифашистичката борба е многу важна и дека младите генерации треба да живеат во духот на антифашизмот.

Стефоска истакна дека проблемот со задоцнетите плати во културата се решил и се решава со макотрпна работа.

Во врска со проектот „Скопје 2014“ таа рече дека соработува со Град Скопје за ревитализација на централното градско подрачје. Според Програмата на Владата се планира да се распише меѓународен конкурс за да се санираат, како што вели, штетите од она што се случуваше на централниот градски плоштад и околината, вели таа.

-Што се однесува до европските интеграции, процесот на интегрирање на РСМ во ЕУ за ресорот култура е ветер во грб, зашто вториот столб во Програмата на Владата се токму евроинтеграциите. Во ЕК имаме отворени врати за секаков вид соработка и помош во административна, програмска, кадровска и финансиска смисла. Веќе пред два дена имав средба со високи претставници на Делегацијата на ЕУ во земјата на која што разговаравме по овие прашања и договоривме конкретни чекори. Во пристапните преговори културата е во Поглавјето 26. Напорно ќе работиме за успешно да го отвориме и да го затвориме и ова поглавје, подвлече Стефоска.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ