Меѓународниот филмски фестивал Нанси – Лорен (28 август – 6 септември 2015), кој се одржува во градот Нанси на истокот од Франција и кој важи за еден од најголемите филмски фестивали во овој дел на Франција, во својата престижна програма „Под ѕвездите“ ќе го прикаже македонскиот филм „До Балчак“ на режисерот Столе Попов, јавува дописникот на МИА од Париз.
На европската премиера на „До Балчак“ ќе присуствува и главната актерка на филмот на Столе Попов, Инти Шрај. Филмот на Столе Попов по прикажувањето на „Браќа Манаки“ минатата година и на фестивалот во Сараево пред неколку дена ја продолжува својата фестивалска кариера.
Филмот од медиумите, како француската национална телевизија Франс 3, која прикажа извадок од филмот за време на главните вести, како и од најтиражниот регионален весник во Франција „Л’Ест Републикан“ е претставен како „вистински настан“ и можност да се открие не многу познатата македонска кинематографија од страна на француската публика.
Селекционерите на фестивалската програма го претставија и образложија изборот на филмот „До Балчак“ со следните зборови: „Голема романтична фреска, филм на границите со маниеризмот, многу убава текстура на фотографијата, интерпретацијата го пресекува здивот (не е само тоа)… се остава да се мисли на филмовите со забрзан ритам од големиот период на Костурица (најпознат режисер од просторите на поранешна Југославија во Франција). Филмот не предизвикува меланхолија…“ се вели во образложението.
Организорите на фестивалот во Нанси филмот ќе го прикажат во оригиналната верзија и тие самите го направија преводот на француски јазик на титловите. Претставувањето на филмот пред француската публика беше овозможено од Агенцијата за филм на Република Македонија и од страна на режисерот Столе Попов, кој од оправдани причини не можеше да допатува во Нанси, но впечатоците од публиката ќе му ги пренеси главната актерка Инти Шрај.