Второ издание на манифестацијата „Анте Поповски – Антево Перо“

Од:

Второто издание на Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски- Антево перо“ ќе биде отворена вечер, во спомен собата на Анте Поповски во Центарот за култура во Општината Ѓорче Петров во Скопје со официјално прогласување на победник на Конкурсот „Антево перо“ за 2019 година, за необјавена поетска книга на македонски јазик.

Лауреат годинава е поетесата Александра Димитрова, за поетскиот ракопис „Дупка“. По пригодната реч се очекува на Димитрова да и биде врачен и отпечатениот авторски примерок од победничката збирка.

Како поети чиишто збирки се најдоа во најтесната конкуренција за наградата, на авторите Михајло Свидерски за збирката песни „Граници“ и на Сузана В. Спасовска за стихозбирката „Јазикот на светлината“, ќе им бидат врачени две придружни награди „Антев Златник“ со ликот на поетот Анте Поповски. На младата поетеса Емануела Ковачевска Китановска за поетскиот наслов „Кожена душа“ ќе и биде врачена нововостановената награда „Антев часовник“, која во иднина ќе се доделува на поети до 25 години, со цел дополнително да се стимулира творештвото на најмладите наши таленти.

Во продолжение на вечерта, поезија ќе читаат дел од учесниците на годинешниот Конкурс за наградата „Антево перо“, а на сите учесници на конкурсот ќе им бидат врачени благодарници за нивниот придонес во растежот и афирмацијата на манифестацијата.

Со повеќе содржини тридневната манифестацијата утре ќе продолжи во родното село на поетот, Лазарополе, каде за учесниците е предвидено и ноќевање. Централен настан кој ќе му даде белег на овој ден, ќе биде симпозиумот во чест на великанот Анте Поповски насловен „Антево дело“, со кој ќе раководи проф. д-р Кристина Николовска.

Според организаторите, симпозиумот ќе покрене: литературни, литературно-теориски, јазични, културолошки, филозофски, општествени теми, теми од историја на уметност, естетика, теми од културното живеење, итн. Учесници на Симпозиумот ќе бидат еминентни научни, културни работници, писатели, уметници, сликари, јавни личности, но и негови познати кои би ги расветлиле Антевото дело и неговиот лик.

Свои трудови за овој научен собир поднесоа односно најавија, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Кристина Николовска, д-р Атина Цветаноска, доцент д-р Атанас Чупоски, м-р Симона Петровска, м-р Наташа Данчевска, м-р Митра Блажевска и Панде Колемишевски. По сесиите се предвидува да има дискусии и предлагање на нови теми за следниот симпозиум, а организацискиот Одбор на манифестацијата ќе се погрижи да отпечати и зборник со поднесените трудови од симпозиумот.

Програмата предвидува и промоција на трудот озаглавен „Книга за Анте“ од проф. д-р Кристина Николовска, долгогодишен проучувач и проследувач на целокупното творештво на академик Анте Поповски. Членовите на Академијата Анте Поповски, на одделна седница, меѓудругото, ќе се произнесат по тековни работи, по предлози за нејзино проширување со нови членови, но и по најновата иницијатива за чување и заштита од заборавот на ликот и делото на Анте Поповски.

На платото пред бистите на Кочо Рацин, Анте Поповски и Симон Дракул во реновираниот и разубавен парк на поезијата на мијачкиот крај во Лазарополе, кој неодамна беше предаден во употреба, наградените и други поети, ќе прочитаат свои творби, а стихови ќе одекнуваат и за време на неформалното дружење на учесниците во хотел „Калин“.

Поетско матине се очекува да се случи и во акустичниот амбиент на селскиот духовен храм „Свети Ѓорѓија“, а предвидена е и посета на богатата библиотека на Анте Поповски во неговата Спомен куќа. Создавајќи бројни ликовни дела за целото времетраење на проектот „Анте Поповски – Антево перо“, познатиот ликовен уметник и креативец Живко Поповски Цветин ќе промовира мир и љубов, испреплетена со стихови.

Годинешната Меѓународна културно поетска манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ целосно ќе биде заокружена до крајот на октомври со две работилници за креативно пишување и поетско-ликовно изразување за талентирани средношколци, односно студенти.

Би можело да ве интересира

Омаж во чест на академик Анте Поповски

Наградата „Антево Перо“ за 2023 година за „50 испеани приказни “ од Александар Русјаков

Катерина Ѓуровски

Дванаесет стихозбирки во поширок избор за наградата „Антево перо“

Наградата „Антево перо“ за 2022 за стихозбирката „Куќа“ од Јулујана Младеновска Тешија

Пет поетски наслови конкурираат за наградата „Антеви Перо“

Ана Ололовска

Девет стихозбирки во поширок избор за наградата „Антево перо“

Ана Ололовска