Втора јавна дебата за измени на Законот за авторско право и сродните права

Од:

Втора јавна дебата за подготовката за измена и дополнување на Законот за авторското право и сродните права организираше денеска Министерството за култура, на која беа презентирани новините од кои голем дел се вградени по сугестија на засегнатите субјекти.

Во гарантирањето на правата на творците и на интелектуалната сопственост суштинско е колективното управување со авторските дела за што досега во законот имаше многу противречности кои резултираа со недоследности во неговата примена. Оттаму главно и произлегуваат измените на законот кој е донесен во 2010 година.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска обрзложи дека се предлага организациите (здруженијата) за колективно управување кај радио-телевизиските организации да обезбедат и инсталираат систем за електронска евиденција и обработка на податоци за емитуваните авторски дела во текот на годината. Од евиденцијата ќе биде прецизирана и пресметката на надоместоткот кој радио-телевизиските организации треба да го платат на организацијата за колективно управување и на надоместокот што треба да го добие авторот за емитување на неговите дела.

– За покривање на вкупните трошоци за работа на организацијата, може да се користат средства од прибраните надоместоци во износ до 10 проценти, а во случај на колективно управување не повеќе од 20 проценти, рече Канческа-Милевска.

Дозволата за употреба на системот ќе ја дава Министерството за култура по претходно мислење од Министерството за информатичко општество и администрација, а двете министерства ќе ја контролираат работата на системот.