Врвни гитаристи и добитници на „греми“ – гости на 12. „Тремоло“

Од:

Врвни гитаристи и добитници на „греми“ ќе бидат дел од 12-то издание на Меѓународниот фестивал за класична гитара „Тремоло“, што ќе се одржи од 17 до 23 мај, во организација на Детскиот културен центар – „Карпош“, со поддршка на Град Скопје.

На единствениот од ваков тип фестивали кај нас, кој е референтна точка за сите вљубеници во класичната гитара, покрај вредните награди, се одржуваат солистички концерти за класична гитара и мастер-класови, а како централен настан е натпреварот на кој учествуваат талентирани млади луѓе.

И годинава ќе се одржат неколку концерти, традиционалниот интернационален натпревар за класична гитара во сите ученички, средношколски и студентски категории, како и мастер часови.

Меѓу концертите планирани за годинава први се оние на: Давид Стрбац – Србија/Австрија и на Адам дел Монте – САД, кои ќе се одржат на 19 мај во малата сала на Македонската филхармонија, потоа на „Дуо Дениција“ – Македонија/Германија и на Герхард Герхард Рајхенбах – Германија, најавени за 21 мај во „Куршумли ан“, како и на Нејц Кухар – Словенија/Австрија и на Габриел Бјанко – Франција, чии настапи на 22 мај, исто така, ќе бидат во малата сала на Македонската филхармонија.

Најавено е учество на многу гости од странство, од кои дел ќе бидат и членови на интернационалното жири: Адам дел Монте од САД (еден од водечките фламенко и класични гитаристи и композитори од неговата генерација, добитник на награди „греми“); Габриел Бјанко од Франција (признат како еден од најдобрите денешни класични гитаристи, победник на престижни меѓународни натпревари, во Сан Франциско, САД и во Кобленц, Германија), Герхард Рајнхенбах од Германија, кој веќе 40 години настапува како солист и заедно со оркестри на сите важни меѓународни фестивали на гитара; Нејц Кухар од Словенија/Австрија, професор на Универзитетот за музика и сценски уметности во Виена и на Конзерваториумот „Јозеф Хајдн“ во Ајнштадт, предавач на престижната школа „Џулијард“ и др.; како и Ерхан Мујка од Косово, Бошко Радојковиќ од Србија, Џевдет Сахатчија од Хрватска/Косово, Николај Михаилов и Стела Динкова од Бугарија.

Од македонска страна во жирито членуваат: Дарко Багески – нашиот познат гитарист, кој моментално работи како редовен професор на Факултетот за музичка уметност, уметнички директор на „Тремоло“, основач е на Летната академија за гитара во Охрид и претседател на македонската заедница за класична гитара; Борче Наумоски – доцент на Факултетот за музичка уметност, кој ги предава предметите гитара, камерна музика и литература за гитара, а предава и како професор по гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ и Љубомир Наќевски – професор по класична гитара во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, чии ученици активно учествуваат на фестивалите во регионот и се добитници на државни и меѓународни награди, како и директорката на ДКЦ „Карпош“, Билјана Лалчевска Серафимовска, соопштија организаторите на „Тремоло“.