Во тек е самостојната изложба „Откривање“ на Нина Нинеска во Мала Станица

Од:

Употребувајќи го „јазикот на телото“, перформансот уште од самите почетоци зазема значајно место на полето на уметничката сцена. Животот, физичкото движење и непостојаноста, му понудија на уметникот желба за пронаоѓање алтернатива на физичката постојаност на сликарството и скулптурата. И додека самите термини „перформанс“ и „перформанс уметност“, ќе се официјализираат во текот на 1970-тите, историски гледано, почетоците на перформансот се следат наназад сѐ до футуристичките продукции и дада-кабареата од 1910-тите. Денес, перформансот е сфатен како начин на поврзување на уметникот со публиката и нејзино директно ангажирање, можност за допир на уметникот до индивидуата, спецификите на просторот и политиката на идентитетот. Можност да се навлезе подлабоко, да се истражи и осознае енергијата и суштината на другиот, директно истражувајќи го свесното, несвесното и потсвесното низ сензорните импулси. Во 2016г. теоретичарот Џона Вестерман (Jonah Westerman), ќе забележи: ,,Перформансот не е (и никогаш и не бил) медиум, тој не е нешто што уметничкото дело може да биде, туку збир на прашања за тоа како уметноста се поврзува со луѓето и општеството.“

Во овој проект насловен ,,Откривање“, преку перформанс надополнет со просторно-амбиентална и скулптурална инсталација, кои визуелно ќе се надоврзат во просторот, Нина Нинеска се обидува да го интегрира гледачот во творечкиот процес, насочувајќи го неговото внимание кон себеси. Со самиот факт дека гледачот е оној што ќе прашува и со внимание ќе слуша, од пасивен набљудувач, тој преминува во активен чинител на дејствието, на кој авторката му ја дава слободата да „следи“, да „набљудува“, да „испрашува“, истражува и пред сé- да ,,доживува“ низ нејзиниот одговор. За разлика од првиот, пробен перформанс кој Нинеска го оствари во февруари 2022, каде што таа самата ја истражуваше физичката, жива, разговорна релација субјект-објект-субјект и обратно, и каде моментот на взаемна комуникација помеѓу неа и посетителот преку прашањето „Кој си Ти?“, беше од примарно значење и водечки елемент во целото дејство, сега систематизирано на ова, нејзиното битие е главниот објект. Тоа е подлогата за доживување, интроспекција, корелација и компарирање на гледачот, кој седнат наспроти, ќе има задача да ги испитува искуствата и емоциите низ одговорите на Нинеска произлезени од себезапрашувањето „Кој сум Јас?“ како начин на истражување на себеси и емоционалното расположение на соговорникот, со цел да се отвори потрага кон ново, индивидуално, лично откривање кое има тенденција да проникне во себе суштината.

Преку „Откривање“, главната идеја на авторката е уште еднаш да го оствари оној поттик за осознавање на себеси преку осознавање на другиот, да проникне во универзалната вистина онаква каква што е. Тоа е само една појдовна точка кон низа комплексни прашања, преку кои главната цел е да оствари клучен контакт со публиката, и преку индивидуалното искуство Нинеска да ја открие сопствената духовна, психичка и физичка суштина, ослободувајќи ги сите можни идентитети, искуства и емоционални завеси, кои ја прекриваат “голата“ вистина на нејзиното себство.

Со цел да се долови поинаква амбиенталност, перформансот ќе биде заокружен и со инсталација составена од лавиринт изработен од платна-завеси, кои ќе стават акцент на самата просторна амбиенталност во галеријата, а кои самите ги симболизираат идентитетите, чувствата, мислите, искуствата на авторката, со тоа прекривајќи ја суштината на јаството. Инсталацијата ќе биде надополнета со геометриски објекти и минијатури, форми од огледален неоксидирачки челик кои укажуваат на увидите низ себетрагањето, осознавањето, приметувањето, огледувањето на универзалното и заокружена со детали од хартија – празни листови, на кои во текот на перформансот, присутните ќе може визуелно, било преку цртеж или текст, да ги пренесат своите мисли и чувства побудени од интеракцијата со авторката.

Во „Откривање“, авторката ќе се обиде проникнувачки да навлезе во суштината на нештата, да се (раз)открие себеси како битие. Преку себереализацијата да го пренесе своето лично искуство и да ја открие вистината на постоењето, чувствувањето, материјалното и нематеријалното, просторното, ограничено, а безвременско… Движечката сила на индивидуалното и сеопштото, суштината во човекот.

Би можело да ве интересира

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

Отворање на изложба на скулптури „Зодијак” на Митко Дамјановски

Изложба на Ване Костуранов – „Таен премин кон Месечината“

Архитектонска изложба „Скопје на новата генерација“