Во Уметничката галерија во Куманово денеска беше отворена изложбата на фотографии „Хераклеа“ од Дражен Брачиќ. Изложбата опфаќа 31 фотографија и ќе биде отворена во наредните десеттина дена.
– Таа е плод на фотографирањето на археолошките истражувања на Хераклеа во периодот од 2007 до 2013 година. Во тој период, освен за потребите на истражувањето, фотографот доловува моменти за секојдневниот начин на работата на археолозите, опфатени се интересни агли на локалитетот, рече на отварањето директорот на НУ Музеј Куманово Анита Цветановска.
Авторот досега учествувал на повеќе меѓународни и домашни изложби на фотографии од кои особено се издвојуваат учествата со по три фотографии на тема „Словенски карневали“ под покровителство на УНЕСКО – во Париз, на годишни изложби на фотографии на тема „Археолошки истражувања“ во Подгорица, Црна Гора, на изложби на уметничка фотографија во Истамбул, Турција, Куманово, Охрид, Битола, како и самостојната изложба „Хераклеа“ која е презентирана во Црна Гора, Македонија и Бугарија.
– Ова е извонредна изложба на фотографии од Хераклеа, а се изложува во Куманово, град кој има традиција за фотографија. Фотографот бира агли и детали со кои се опфаќаат интересни моменти за начинот на истражувањето и самиот локалитет, вели кустосот во Уметничката галерија Перо Величковски.