Во ДПМ соопштени добитниците на наградите за 2014

Од:

Во Друштвото на писателите на Македонија денеска беа соопштени добитниците на петте годишни награди за најуспешните остварувања од издавачката продукција во 2014 година.

Жири-комисиите одлучија наградите: „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга да му се додели на Радован Павловски за стихозбирката „Се случува вечност“ во издание на „Макавеј“, „Стале Попов“ за прозна книга на Божин Павловски за романот „Рогот на љубовта“ во издание на „Матица“, „Димитар Митрев“ за книга критики и есеи на Георги Сталев за книгата „За современата македонска книжевност“ во издание на „Дијалог“, „Ванчо Николески“ за книга за деца на Стојан Тарапуза за поетската книга „Насликано време“ и  „Книжевен мост“ за најдобра книга објавена на јазиците на националностите во Република Македонија, на Сеида Бегановиќ за книгата „За жените кои немаат куќа и три обични денови“ во издание на „Израз“ од Скопје.

Одлуките за наградите ги соопштија претседателите на жиријата.

Добитникот на признанието „Ацо Шопов“, Радован Павловски се заблагодари за, како што рече, високото духовно признание. Добитникот на наградата „Стале Попов“, Божин Павловски, кој е во Мелбурн, во писмена изјава посочува дека денешните македонски прозни автори треба да се гордеат со своите книжевни предци кои трасираа пат за брза еманципација на прозната уметност. Истакнува дека се чувствува горд што во одредени периоди бил поврзан со богатите опуси на тие наши предци, а особено со прозното дело на Стале Попов.

Авторот Георги Сталев се заблагодари за наградата „Димитар Митрев“ и потенцира дека станува збор за труд кој бил повеќе години во процес на изработка. Појасни дека книгата го содржи оној развоен пат на нашата литература од крајот на 1944 година до крајот на векот. Добитникот на наградата „Ванчо Николески“, Стојан Тарапуза рече дека признанието за него значи охрабрување, поттикнување да продолжи и натаму да создава творби за деца.

Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени на 13 февруари, на свечен собир по повод 68 години од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија.

Би можело да ве интересира

Конкурс за традиционални годишни награди на ДПМ

Ана Ололовска

„Празник на липите“ и врачување на наградите „Книжевен жезол“ на ДПМ

Ана Ололовска

Отворен конкурс за традиционалните годишни награди на ДПМ

Ана Ололовска

ДПМ го распиша конкурсот за најдобра поетска книга

Ана Ололовска

Друштвото на писатели се простува од Данило Коцевски

Ана Ололовска

Почина писателот Миле Неделковски

Ана Ололовска

Leave a Comment

15 + sixteen =