(ВИДЕО) Отворена изложбата „100 години Требениште“: Благородна иницијатива и соработка на музеите во Скопје, Белград и Софија за претставување на исклучително вредни артефакти во нејзината целина

Од:

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, кој воедно е и покровител, ја отвори изложбата „100 години Требениште“ поставена во Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија.

На овој свечен и исклучително значаен настан, кој се остварува во соработка со Народниот музеј во Белград и Националниот археолошки институт и музеј при бугарската академија на науки во Софија, присуствуваа и министрите за култура на Република Северна Македонија и на Република Бугарија, Асаф Адеми и Боил Банов, помошникот на министерот за култура и информации на Република Србија, Асја Драча Мунтеан, како и директорите на Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија Горан Санев, на Националниот археолошки институт и музеј во Софија Христо Попов, и директорката на Народниот музеј во Белград, Бојана Бориќ Брешковиќ, како и други бројни претставници на Владата и на Собранието на РСМ, на научната и културната јавност од трите земји, и на дипломатскиот кор во нашата земја.

Премиерот Заев истакна дека оваа изложба е од огромно значење заради исклучителните артефакти презентирани на неа, но и заради на раководителите и кустосите на трите институции од Северна Македонија, Бугарија и Србија кои направија историски чекор кога се согласија дека најсоодветен начин да се прослави 100 годишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет, е да се подготви заедничка изложба на која за првпат во историјата се претставуваат сите наоди од некрополата кај Требениште.

„Требениште е безвременска загатка која обединува. Загатка која за прв пат во својата историја пред нашата и светската јавност се претставува во нејзината блескава целина, и која од Скопје потоа ќе замине да биде претставена пред јавноста во Србија и Бугарија. Оваа благородна иницијатива говори за одважноста и за доблеста на слободоумните и прогресивни лидери во науката и уметноста да ги тргнат разликите настрана и да се фокусираат на нештата што обединуваат, наместо на нештата што разделуваат“, рече премиерот Заев на отворањето на изложбата и додаде дека епилогот, заокружената приказна за загатката Требениште, сега имаат шанса заеднички да ја решат националните историско-археолошки институции од Бугарија, Србија и Северна Македонија, во соработка со соодветните институции и од другите соседни земји.

Министерот за култура на Република Северна Македонија, Асаф Адеми во своето обраќање рече дека изложбата „100 години Требениште“ е своевидна круна на пријателството меѓу три држави, чин кој потврдува дека помирувањето токму преку културата пристигна на овие простори.

„Верувам дека овој проект е само почеток на една одлична соработка и дека во иднина, граѓаните на трите држави ќе имаат можност да видат уште многу други настани, каков што е овој. Со поддршка од матичните министерства за култура, но и со поддршка од европските фондови, ќе се реализираат уште многу нови активности преку кои ќе го афирмираме заедничкото европско културно наследство“, порача министерот за култура на Република Северна Македонија, Асаф Адеми.

Во своето обраќање, директорот на Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија, Горан Санев подвлече дека интересот за Требениште сигурно нема да заврши со нашата изложба, ниту пак напишаните научни трудови во каталогот кој ја следи истата не се последните зборови што археологијата ќе ги каже за овој локалитет.

„Тоа го знаевме од самиот почеток на заедничката подготовка на изложбата, а во изминатите година и половина се открија и многу досега непознати за сите нас ситуации и предмети кои отворија нови прашања на кои допрва ќе се бараат одговорите. Оттаму, со посебно големо задоволство можам да кажам дека по цели 100 години од откривањето на првата златна маска, повторно се растлеа еланот за продолжување на истражувањата на некрополата Требениште, но овој пат не поединечно како во 1918 или во 1930-34, во 1953-54, или во 1972 година, туку заеднички, како генерација археолози од Македонија, Србија и Бугарија – наследници на истражувачите на Требениште од минатиот век“, рече директорот на Националниот археолошки музеј на Република Северна Македонија Горан Санев.

На отворањето на изложбата за нејзиното значење и за значењето на соработката за нејзината подготовка говореа и министерот за култура на Бугарија Боил Банов, помошникот на министерот за култура и информации на Србија, Асја Драча Мунтеан, како и директорката на Народниот музеј во Белград, Бојана Бориќ Брешковиќ и директорот на Националниот археолошки институт и музеј во Софија, Христо Попов.

Би можело да ве интересира

Зоран Арсовски со самостојна изложба во Белград

Почнува 45-та Меѓународна ликовна колонија „Куманово“ во Пелинце

„Бранови и мисли“ – изложба на слики од Наташа Попоска Карче

„Форми во црно“, ликовна изложба на Мице Јанкуловски во музејот „Куќа на Робевци“ во Охрид

Татјана Ташкова

„Форми во црно” – изложба на мултимедијалниот уметник Мице Јанкуловски

Изложба на здружението на уметници „Apicem Oaneum“ од Тетово