Велешкиот театар ја отвори драмската програма на „Охридско лето“

Од:

Драмската програма на 60-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ беше отворена вчеравечер во предворјето на црквата „Света Софија“ со театарската претстава „Сестрите Прозорови“ во изведба на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.

Коавтори на овој проект се в.д директорот на Велешкиот театар, Сашо Димоски и актерот Васил Зафирчев кој исто така е дел од овој ансамбл. Според писателот и доктор по драмски уметности, Сашо Димоски, процесот на создавање на
претставата „Сестрите Прозорови“ бил мошне напорен, бидејќи како што појаснува, освен документаристика и авторски текстови, голем дел од материјалите произлегле директно и од самите актери.

-Чехов е секогаш провокативен. Драмската класика секогаш има што да каже и комуницира со секој контекст. Целта беше да видиме како ќе комуницира со овој контекст сега, со нашата публика и со нас како уметници, но и што ние имаме да кажеме преку Чехов. За таа цел, користевме различни материјали во обликувањето на текстот на изведбата за да добиеме еден мошне комплексен, меѓутоа многу густ, набиен текст којшто во еден поинаков режисерски прочит и во една поинаква актерска игра ќе создаде нешто што клони кон драмските одлики на театарот. Самата постапка на автотематизација и авторефенцијалност која се користи во постдрамските театарски форми, на крајот создаде производ со кој навистина сум задоволен, вели Димоски.

За актерот и коавтор на проектот, Васил Зафирчев, изведбата на претставата токму на сцената во предворјето на црквата „Света Софија“ е посебна зашто како што вели тој, потсилува одредени контексти во неа, особено оние коишто се однесуваат на прашањето на Бог.

-Ова е една реминисцентна изведба на претставата во еден многу специфичен, автентичен простор. Самата црква „Света Софија“ со целата нејзина историја, особено со преминот од црква во џамија и потоа повторно во црква, со самото тоа што е споменик на културата и објект заштитен со закон, таа потсили одредени контексти од нашата претстава особено оние кои се однесуваат на прашањето на Бог, или што ќе рече самиот Чехов, дали она што денес ни се случува
е всушност последица на тоа наше одвојување и оттргнување од потрагата на Бог во себеси, вели Зафирчев.