Велес неповратно ги губи старите автентични куќи, бисерот на староградската архитектура

Од:

Велешката автентична староградска архитектура од средината на 19 век е една од најубавите во земјава. Во Велес по војната имало останото педесттина од овие куќи со автентична староградска велешка архитектура. Но во годините потоа незаштитени и оставени на забот на времето, нивниот број се намалил на 29, за да при крајот на 2000 година при ревизија на екипа од Народниот музеј од Велес било евидентирано дека се останати само девет.

Велес е град поранешен културен центар на земјава, кој во сите изминати години не успеал да издејствува добивање на Конзерваторски центар, а кој ќе иницира проекти за нивна реконструкција и заштита.

Поради негрижата на државните институции,оставени на забот на времето и невремето и разни несреќи овие бисери на велешката страоградска архитетура и понатаму пропаѓаат, се рушат и неповратно засекогаш исчезнуваат од сликата на градот.

Во последното невреме со дожд од 8 август годинава во старото велешко јадро се срушија уште две куќи од малкуте преостанати со стара градска архитектура. Црвената линија за аларм и нивно спасување е одамна помината, но оставени на негрижата за жал тие и понатаму секојдневно напукнуваат се разнишуваат, пропаѓаат и целосно паѓаат. Бавноста на процедурата, но и недостигот на стручен кадар на надлежните институции е еден од најголемите проблеми за квалитетна и навремена заштита на културното наследство од пропаѓање. Локалната власт, Управата за заштита на културно наследство, Националниот конзерваторски центар и Министерството за култура едни на други со години си ја префрлаат топката на ингеренции за решавање на проблемите. Тие наместо заеднички да седнат на маса и итно да се договорат за итна акција за реновирање да го спасат тоа што преостанало. Како последица на нивната негрижа како краен чин на својата немоќ тие за жал издаваат само налози за нивно итно рушење, а поради безбедноста на минувачите и соседите. Велес со тоа за жал неповратно, засекогаш ја губи својата автентична староградска архитектура по која е препознатлив во светот.

Времето и разните несреќи неповратно ги уништија и малкуте куќи што успеаја да се зачуваат или беа обновени. Во 2001/2002 година по иницијатива на локалната власт и Републичиот Завод за заштита на спомениците на културата без реновирани три куќи од петте со Закон заштитени куќи во месноста Варналиите: на Прнареви,Тренчови и Паунови.

Во големиот пожар изминатото лето изгореа две, куќата на Паунови во која за жал изгоре и сопственикот и соседната куќа на Маневи.

Нивната состојба и по една година од несреќата не е променета, а надлежните се правдаат дека има долга процедура за нивно обновување, дека немаат и доволно стручен кадар,како и тоа им го отежнува и моменталната ситуација со Ковид-19, бидејќи дел од вработените кои се хронично болни се ослободени и не идат на работа.

Претходно пред осум години беше опожарено куќата на Габерово во месноста Дворови. Пред 14-тина години новите сопственици ја срушија куќата заштитена од државата односно Куќата на Бунови од 1889 година која беше испишана на фасадата, а се наоѓаше спроти мостот Гемиџии и на нејзино место си изградија нова.

По последните поројни дождови од август годинава делумно се срушија ѕидови од куќата на Тапанарови и на Настови лоцирани во старото велешко јадро на улицата „Климент Охридски“ под училиштето „Св Кирил и Методиј“. Поради безбедноста по минувачите и соседите локалната власт им порача на сопствениците да ги срушат, а во спротивно таа ќе го направи тоа, а за услугата ќе им наплати.

Деновиве наследниците на семејството Настови сами започнаа со рушење на семејната куќа. Тоа итно деновиве треба да го направат и наследниците на куќата на Тапанарови.

Жалосно е што оваа прекрасна староградска велешка куќа, Куќата на Тапанарови која е со специфична градба како и уште голем дел од овие куќи со автентична староградска архитектура пред многу години биле евидентирани како културно наследство. Но надлежните, со години и децении не се потрудиле со документ да ги прогласат за споменици на културата, а со тоа ја запечатиле и нивната судбина за понатамошно руинирање до целосно рушење.

Такво известување деновиве по рушењето на овие куќи од невремето, Општина Велес доби од Управата за заштита на културно наследство.

-Ве информираме дека по детален увид во расположлива документација по невремето од последните поројни дождови кои го зафтија Велес предметот на вашата Ургенција куќата построена на КП 88062 КО Велес и во сопственост Јелисавета Еленска и Јорданка Тапанарева и Зорица Тапанарева не претставува заштитено добро. Сето тоа бидејќи Акт за воспоставување заштита на наведениот објект/Решение за заштита постои само во список на евидентирани објекти на подрачјето на град Велес под реден број 16 изготвен од НУ Национален конзерваторски центар Скопје.Тоа претставува само список со објекти кои имаат карактеристики да еволуираат во заштитени добра, но од различни причини актот за заштита за наведениот објект никогаш не е донесен, се вели во писменото известување од Управата за заштита на културното наследство.

Автентичните велешки куќи од старото градско јадро наместо атракција за туристите се руина и голема опасност за минувачите и соседите

Елица Николова, виш кустос од ЛУ Народен музеј во Велес за МИА посочува дека проблемот со години не е поместен од статус кво и по бројните нивни апели до надлежните тие имале само долги процедури, а кои потоа заглавиле во лавиринтите на неефикасната бирократија.

Николова ни појаснува дека токму улицата каде што се наоѓаат овие две стари велешки куќи кои по последното невреме се уриваат, а каде се уште има уште и други убави староградски куќи но стари и запуштени куќи и на распаѓање, таа вели дека на надлежните им предлагала да се реновира целата таа улица со староградски куќи од ова градско јадро. Нејзината замисла била да се реновира и калдрмата со придружни елементи и стари улични фенери да биде атракција за туристите и посетителите на Велес.

Уште повеќе што оваа улица па нагоре лево води кон Спомен куќите на Васил Главинов на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, а малку понатаму се наоѓа и познатата Куќа на Касапови или попозната како Куќата што лебди која е лоцирана на карпа под црквата „Св. Пантелејмон“.

Николова дека токму оваа оваа уникатна куќа на карпа беше последната која беше целосно реконструирана пред петнаесетина години, но оттогаш до денес не е реновирана ни обновена ни една староградска велешка куќа, а ги има многу на кои итно им треба реновирање, тука се заштитените ќуќи под Градскиот саар, старите куќи покрај Вардар кај Епархијата и на уште неколку локации во стариот дел од левата и десната страна на градот.

Николова потенцира дека велешкиот Народен музеј како институција нема надлежност над архитектонското културно наследство и за тоа е надлежен Националниот конзерваторски центар од Скопје.

-Ние како музеј неколкупати предлагавме пред локалната и држаната власт да се формира Конзерваторски центар но тие за тоа немаа слух и се остана само како иницијатива која не беше поддржана и прифатена. Преку Асоцијацијата на градови со архитектинско наследство чие седиште е во Велес имаме разговарано со локалната власт градот да направи Детален урбанистички план на тие градски јадра во кои има објекти староградски куќи од значајно архитектонско наследство. Меѓутоа во тие делови каде што јас имам посочувано се уште не е направен ДУП и затоа и не може да се интервенира на овие куќи. Токму каде што се наоѓа куќата на Тапанарови во таа улица има повеќе такви куќи на коишто ако нецелосно барем фасадите можеа да им се направат во тој автентичен стил и да се зачуваат. Меѓутоа план не се направи и по сите наши увиди на теренот во градот и укажување до локалната и државна власт, сето тоа не се реализира, а куќите за жал и понатаму се руинираат и пропаѓаат, појаснува Николова.

Меѓу куќите во кои се уште се живее и не се празни можеби сега е последен момент да се спасат од целосно пропаѓање. Куќата на Аликарови една од ретките која е споменик на културата, но и покрај тоа и понатаму се руинира и пропаѓа.

Елица Николова информира дека тие од Народниот музеј до надлежните барале за куќата на Аликара каде што денес живее семејството на Апасиеви да се направи проект за заштита и да се заштити.

Појаснува дека оваа е многу атрактивна и интересна куќа и ова е можеби и последниот момент таа да се спаси од целосно руинирање.

Куќата е изградена во средината на 19 век и претставува специфична градба и се одделува од константните белези на староградската архитектура на Велес

Во две простории во куќата се сретнува дрвена изрезбана таваница. Посебен шарм на куќата и дава уличната чешма, изградена во ѕидот од аголот на објектот, затоа е многу вредна и единствена и мора под итно да се заштити, потенцира Николова.

Локалната власт обвинува дека надлежната државна власт недоволно се грижи за куќите и бара од државната да издвои поголеми средства од буџетот.

На новинарско прашање и констатација на МИА на една од последните прес конференции на градоначалникот Аце Коцевски, дека ако итно не се санираат преостанатите руинирани куќи лоцирани во од неколкуте стари градски јадра, Велес за жал неповратно ќе го изгуби драгоценото вековно архитектонско наследство.

Коцевски констатира и искажа незадоволство од односот на државната и локална власт за заштита на културното наследство.Тоа според него е огромна штета за идните генерации, затоа што тоа богатство што останало од нашите претци нема да биде достапно за идните генерации.

-Мислам дека прво сериозно треба да се испита законската регулатива, да се знае што е чија надлежност во таа област. Второ од државниот буџет треба да се обезбедат многу поголеми финансиски средства за да се сочува тоа што го имаме. Кога ќе се случи некоја елементарна непогода како случајот со куќите од последното невреме од дожд или од ланскиот пожар на двете староградски куќи од јадрото на Варналиите брзо да се реагира со изработка на соодветна проектна документација и изградба на тој комплекс. Бавно одат тие работи и тие цело време се жалат дека немаат ни човечки ресурси, дека голем дел од вработените поради состојбата на Ковид-19 го користат правото да седат дома бидејќи се хронични болни. Се правдаат дека немаат финансиски средства за инвестирање, ниту возила на располагање,појаснува Коцевски.

Тој смета дека во јавноста треба да се направи посериозен притисок,за да се обезбедат многу повеќе финансиски средства ако сакаме да го сочуваме тоа што сеуште го имаме,а дека тоа што е срушено за жал е неповратно и не може да се врати.

Државните институции пак бараат поголема соработка и вклучување на локалната власт со иницијативи и сугестии

Од Управата за заштита на културното наследство УЗКН, како што информира за МИА, директорот Ацо Костов по пожарот кај Варналиите од декември минатата година тие направиле увид на терен и до Националниот конзерваторски центар пратиле екипа. Тие треба да направат проекти како идеен и основен и тоа на двете опожарени куќи, како и на останатите две од комплексот на куќи Варналиите од левата страна на Велес, а за кој сметаат дека е значаен како комплекс.

-Треба да се изработи најпрво проект, но поради кризнава состојба веројатно малку сме спори во реализацијата. Но ја следиме состојбата и очекуваме дека наскоро ќе имаме проект со кој ќе може да се обноват односно да се вратат повторно изгубените куќи во старото градско јадро Варналиите, појасни Костов.

Тој потенцира дека конзервацијата не е само на државните Конзерваторски центри туку подразбира и вклучување на локалната власт. Тој ги советува општините во земјава да бидат поупорни и да тропаат на вратите на институциите.

-Тие треба да бараат некои од овие куќи кои со години не биле заштитени и реновирани да бидат дел од Програмите за превземање на активности најпрво за изработка на проекти, а потоа и за нивна конзервација им предлага Костов.

Тој појаснува дека државните конзерваторски институции делуваат бавно и затоа што дваесетина години во нив не се вработуваат нови кадри.

Тој вели дека како последица на тоа на некој начин државни институции се инвалидизирани во заштитата на објектите. Појаснува и дека во овие услови на Ковид-19 и тие малку вработени стручни кадри,а дел од дел од нив поради поради хронични болести не идат на работа, па затоа како институција не можат да функционираат непречено.

Костов им предлага на локалните власти да се обратат кај нив за совети, а потоа и активности како да ги третираат заштитените објекти во целина.

Тој како пример им посочува пример како во Деталните урбанистички планови.да преземаат активности за заштитени објекти во целина кои ќе ги третираат на таков начин.

Сопствениците на куќите не можат сами да ги реновираат и им треба финансиска помош

Костов вели дека сопствениците на овие куќи законски не можат самите да превземаат активности, затоа што за тоа треба да имаат проекти, тие да имаат финансии или да им ги обезбеди општината или државата.

-За наш пристап како институции ние сега очекуваме преку Европските фондови да најдеме начин и модус како како да се аплицира за проекти и средства за отпочнување на процесот на заштита на културното наследство, потенцира Костов.

Сопствениците на куќите бараат итна акција за реновирање за да се спасат од рушење преостанатите куќи, како аманет за идните генерации

Снежана Петрова една од сопственичките на заштитен со закон на државата староградска велешка автентична куќа во старото градско јадро, ни појаснува дека со години нејзината куќа пропаѓа затоа што нема проект за реставрација. Вели дека е со скромна примања и нема доволно средства целосно да ја обнови и реставрира како што била кога ја изградил нејзиниот прадедо.Таа со години бара помош од државата.

-Ако надлежните државни институции најитно нешто не преземат и не ни помогнат и нашата куќа при некое следно поголемо невреме, за жал ќе биде следната која ќе падне. Јас сепак имам надеж и верувам, дека некој во државата овој наш последен апел за спас ќе ги слушне и најитно ќе ни помогне да ја реновираме нашата, но и преостанатите руинирани староградски велешки куќи и ќе помогне да ја вратиме некогашната убавина, раскош и сјај, порачува Петрова.

Автентичните староградски велешки куќи ги изградиле и ни ги оставиле во аманет нашите предци, со години наназад и денес Велес по нив е препознатлив во светот. Ние ја имаме обврската да го заштитиме и зачуваме овој наш бисер на градителството и да им го предадеме на чување и грижа на нашите идни поколенија.

Би можело да ве интересира

Бочварски од Велес: Вложивме 1,1 милион евра за подобрување на локалната патна инфраструктура во градот

Орце Костов

Советници во општина Велес од свој џеб купиле стакло за масата за венчавки во матичното

Орце Костов

Голема полициска акција во Велес, затекнати дилери на дрога

А1он

Условни казни за тинејџерите кои во Велес нападнаа полицајци

А1он

Уапсена жената која ограби починат човек во Велес

Орце Костов

Велешанец пронајден мртов кај дуќаните на Нов мост во Велес