Васко Тодоров: За „Монологија“ и за целата моја работа инспирацијата ја црпам од реката Амазон

Од:

Васко Тодоров, кој е најпознат по хумористичното алтер его Тошо Малерот, во заедничкиот промоцентар на „Саемот на книгата“ го промовираше неговото прво дело „Монологија“ во кое, како што сам вели, се собрани најдобрите монолози на Тошо и е еден вид на „најдоброто од“ селекција.

Настанот го водеше уредничката во издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова, која истакна дека „батка“ е модна икона со светкаво сако и тегет чорапа, жесток противник на буржоазијата која носи фармерки „501“, поборник за македонскиот јазик поради што мрази кога некој му вика „изволте“ и човек кој знае дека еден „фраер“ е фатален кога има бели чорапи, љубовен тепих и ѝ ждрига на „рибата во фаца“.

„Монологија“ излезе неодамна и веќе е една од најпродаваните книги во сите книжарници „Литература.мк“, а воедно може да се нарача и онлајн преку интернет-страницата www.literatura.mk.

– „Монологија“ дојде сама по себе. Голем дел од тие приказни се стари речиси 30 години и се еден вид на „најдоброто од“. Идејата дојде од млади луѓе кои кога пред околу една година се вратив во Македонија ми рекоа дека сами си ги вадат и читаат монолозите кои ги имам кажано така што решив да ја направам оваа книга. Многу ми е мило што се најдовме со „Арс Ламина“ и „Монологија“ е издание кое може да се чита повеќепати, на пример, со кафе пред работа или па… може и после работа – во свој стил објаснува Васко и додава дека добро е да соберат монолозите во книга за луѓето да ги имаат пред себе и во нив да најдат нешто кое при гледањето на скечевите можеби го пропуштиле, изјави Тодоров.

Иако Тошо Малерот е еден вид на карикатура која го пародира градскиот провинцијализам, квази интелектуалците и стереотипите, Тодоров истакнува дека сепак ова е лик во кој може сите да се препознаеме.

– Овие теми се секојдневни ситуации и можеме сите да се препознаеме во одредени моменти, сегменти затоа што овие приказни не се од друга планета. Јас сакам сето тоа да го правам со хумор и сатира затоа што е најприемлив начин за сами да си ги видиме аномалиите во однесувањето и доколку можеме да се коригираме. Искрено и јас се препознавам во некои делови од Тошо, појаснува Тодоров.

Тој не сака да добие Нобелова награда за литература, пред сè, затоа што не му е предизвик и дознал дека немало нешто многу пари. Додека, околу тоа дали црпи инспирација од Рашче или Вруток, вели дека сепак ја црпи од Амазон.

Васко Тодоров во моментов е дел од екипата на сатиричната емисија „Фчерашни новости“. Најголемиот дел од популацијата го препознава по легендарните ликови кои ги толкуваше во рамки на шоуто „К-15“ заедно со Бранко Огњановски и Љупчо Бубо Каров. Првата епизода беше емитувана на 23 ноември 1994 година на А1 телевизија. Шоуто оттогаш обезбедува силна социјална, политичка и економска критика особено на нелогичностите во македонското општество, етничката толеранција, стереотипите и табу-темите. „К-15“ во текот на своето постоење е емитувана на повеќе домашни телевизии и останува една од најпознатите хумористични емисии во земјава.

Би можело да ве интересира

Промоција на романот „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски

Ана Ололовска

„Бел“, „Ежето Снеже“, „Брзоплетковска 63 и случајот со смрдливите чорапи“ и „Ѕвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ – наградени на „Литера“ 2020

Ана Ололовска

Објавен романот „Суво мастило“ од Владимир Илиевски

Ана Ололовска

Три дена европска и македонска литература во Кинотека

Ана Ололовска

Промоција на „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник“ од Свето Стаменов

Ана Ололовска

Дебата „Како децата се запознаваат со предизвиците на животот преку литературата“

Ана Ололовска