,,Ужегнатост”- прва претстава од независна продукција во официјална конкуренција на МТФ Војдан Чернодрински

Од:

Денес во 19.30, претставата Ужегнатост, во продукција на Артопија гостува на МТФ Војдан Чернодрински. Ова е трета претстава на Артопија во двегодишното постоење. Претставата зборува за повторливоста на политичките режими одржувани од „носачите на путер” кои извршувајќи бесмислени наредби се дават и себеси и целото општество во устојаност, корумпираност и слепило.

Иако Иван Вискочил овој текст го има напишано пред многу години во Чешка, изгледа како да е напишан денес во Македонија.

Секое време, си носи свое бреме… секој политички систем, си носи свои маани и предности… но постојат негативни општествени појави, човечко однесување и реакции, кои се провлекуваат низ сите периоди на човековото постоење, а посебно се потенцираат во системи и ситуации на режимско владеење.

Овој проект е суптилна критика на потчинетоста на одредена група „привилегирани“ луѓе(службеници), чија неспособност, безгласност и понизност служи како алатка за манипулација на обичниот народ, од страна на „големите“ политички величини.

УЖЕГНАТОСТ е театарска претстава, во режија на Владимир Милчин. Играат актерите Симона Спировска Костовска, Наташа Петровиќ, Тамара Ристоска, Ненад Митевски, Бојан Кирковски, Мартин Јорданоски.

Сценографијата е на Крсте С. Џидров, а костимографијата на Марија Пупучевска и Бранкица Јордановска.

Во центарот на градот се наоѓа таинствената Бела палата. Граѓаните не знаат која институција е сместена во палатата. Службениците кои се вработени во неа постојано носат шапки. Граѓаните не знаат дека под шапките службениците носат путер. Тие носат шапки и под нив путер на главите и кога се на своите работни места во Белата палата, и кога одат по улица, и кога по работното време ќе појдат на пијачка. А кога ќе дојдат дома, ги симнуваат шапките и путерот го оставаат во фрижидерите за да не се истопи.

Одвнатре, Белата палата е всушност огромен фрижидер во кој службениците седат со путер на главите. Платени се со путер на главите да ги пречекуваат шефовите кога овие, разбеснети поради проблемите, ќе влетаат и ќе се истурат врз главите на службениците. Ќе се олеснат врз наведнатите глави на службениците кои не знаат како изгледаат шефовите. Не смеат ни да ги кренат главите.

Еден ден, системот доживеал хаварија. Во Белата палата снемало струја, путерот почнал да ужегнува, да се топи и да се слева по лицата на службениците. Подот на салата станал мочуриште од пожолтена смрдлива лигавица на која се лизнал еден од главните шефови и буквално се искршил на парчиња. И тогаш службениците сфатиле дека нивните шефови биле гипсени скулптури, пиедестали и скелиња…

Кафкијанската гротеска се расплеткува пред гледачите во текот на истрагата што ја води еден не многу агилен истражител кој со два прста удира по машината за куцање…

Недемократските режими се можни и повторливи зашто секогаш ќе се најдат доволно луѓе кои се подготвени за ситни привилегии да го носат на главите путерот на господарите, тоа е пораката на оваа претстава, во која гледачите ќе го препознаат нашето време.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска