Трпчески со британска премиера на музика од македонски автори

Од:

Пијанистот Симон Трпчески продолжува со претставување на македонското музичко творештво и неговите автори пред публиката на престижните светски сцени. Со музичари од Симфонискиот оркестар на Бирмингем настапи со изведба на дела од македонскиот композитор Благој Цанев. За трите концерти со овој реномиран оркестар, од кои едниот со камерна музика.

– Многу ми е мило што по претставувањето на нашиот композитор Благој Цанев во Норвешка и во Аспен, САД во текот на минатата година, сега прв пат во Англија, поточно во Бирмингем, се изведоа две негови дела. Станува збор за „Фолклорните канони“ во ансамбл за виола, кларинет и пијано, како и неговата позната „Соната во ЕС“ за кларинет и пијано. Ова се дела во кои тој не навлегува длабоко во нашиот фолклор, освен со од-време-на-време интелигентни симпатично покажани фолклорни искри, изјави Трпчески.

Според него, Цанев повеќе ги истакнува своите лични инспирации и размислувања. Неговиот музички јазик е прилично шаренолик и, иако понекогаш потсетува на Григ, Прокофјев, Лигети, Дебиси, па и Хиндемит, сепак е пред се свој.

– Музичарите на Симфонискиот оркестар на Бирмингем многу професионално навлегоа во процесот на подготовка на делата наспроти пребукираниот распоред во текот на оваа недела. Публиката одлично ја прими изведбата, што ме прави многу среќен, додаде Трпчески.

Нашата интернационална пијанистичка ѕвезда со Симфонискиот оркестар на Бирмингем по двете вечери изведба и на Шопеновиот Концерт број 1 за пијано и оркестар во матичниот град на ансамблот, продолжува со уште два настапа на Островот. Веќер ќе концертираат во Оксфорд. Диригентската палка на оваа мини турнеја е во рацете на шеф-диригентот на оркестарот Андрис Нелсонс од Летонија, кој веќе диригира во најпознатите светски оперски куќи, како и со оркестри од рангот на Виенската и Берлинската филхармонија. Ова е втор заеднички настап на тандемот Нелсонс-Трпчески по „премиерниот“ во 2008 година кога токму нашиот пијанист му беше првиот солист на носителот на диригентската палка како шеф-диригент на Симфонискиот оркестар на Бирмингем.

Со Концертот број 1 на Шопен Трпчески и ја стартуваше календарскава концертна година со Националниот оркестар на Порто во овој португалски град, за веднаш по настапите во Англија да го изведе и како солист на Шведскиот камерен оркестар.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ