Тркалезна маса „Литература, страв, политика“: Стравот нè парализира и разболува и ја губиме слободата

Од:

Писателите, уметниците, интелектуалците треба да размислуваат политички, а не политикантски. Тоа е многу различно.

Кога велам да се мисли политички, мислам дека треба да се размислува на начин со кој се почитува и цени другиот, кој не ја наметнува својата волја. Ние, за жал, на нашите простори никогаш не сме имале, а ни сега немаме таков вид политичко размислување, туку полунасилнички политиканства кои нè држат во една полуколонијална состојба – рече Светислав Басара на тркалезната маса што на тема „Литература, страв, политика“ се одржа во ЕУ-инфо центарот во Скопје, во рамките на фестивалот „Про-За Балкан“.

Трибината ја отвори Дејан Трајкоски, директор на фестивалот, а модератор беше писателот Владимир Јанковски. Учествуваа сите гости на фестивалот – писатели, како и литературни агенти, уредници кои се дел од програмата „Скопје фелоушип“.

На она што Басара го загатна како тема се надоврза турскиот писател Тарик Туфан, велејќи дека литературата не треба да има страв од политиката, но не е толку едноставно.

– Најголемиот проблем на уметникот е да ја создаде својата независност, но за да се стекне независност, треба да бидеме верни прво кон својата вистина. Човек кој ѝ е верен на својата вистина со текот на времето ќе стане моќен и самостоен. Второто е верност кон својата уметност – рече тој.

Панчиќ, која е писател, колумнист и жесток критичар, сподели дека треба да погледнеме и од другата страна, дека и писателите можат да бидат тие што произведуваат страв, а не само да го трпат и со нивните идеи под превезот на нешто важно, величествено, поетско, праведно и историски оправдано да го легитимизираат злосторството.

– На луѓето треба да им дадете идеологија, причина, емоција, идентитетска натприказна која ќе го оправда тоа да земат пушка и да убиваат невини луѓе. За тоа да е можно, некој треба да го произведе, а писателите се тие професионалци за произведување на тој вид идентитетска идеологија. Тоа е она што го имавме во 80-тите години во Југославија како подготовка, а во 90-те години како реализација на тој голем т.н. етнички инженеринг – рече Панчиќ.

Независниот писател и поет Ивица Пртењача се надоврза на Басара и Панчиќ и додаде:

– На крајот, претпоставувам дека повеќето од нас знаеме да го работиме тоа што го работиме. А во тоа што го знаеме навистина постои голема опасност да се опколиме со луѓе кои, и без да знаеме, ќе го искористат тоа што го знаеме за некаков проект. Проектот може да е мир, се разбира, но може да биде и војна. За писателот е најважно да не е дел од ниедна од овие крајности, туку едноставно да биде индивидуалец, да е проект за себе и да се снаоѓа во тоа општество на начин на кој може да опстане и да пронајде некој егзистенцијален минимум да не загрозува никого околу себе. Тоа звучи и алтруистично и наивно, но ми се чини дека само така е можно.

Јанковски се надоврза на личниот и крајно минималистички пристап кон егзистенцијата на ликовите во расказите на Једрт Лапух Малежич велејќи дека во нејзините ликови има огромно количество на страв, тоа што се и сакаат да бидат, тоа што имаат храброст да почувствуваат дел од таа нивна егзистенција.

Таа потенцира дека со својата книга „Воени бои“ сакала да се занимава со микроактивизам.

На прашањето колку неговото пишување го доживува како реконструкција на некои ретроградни модели што постојат во бугарското општество, годинашниот лауреат Алек Попов рече дека кога избира да пишува на некоја тема, не се раководи од политиката, туку од други работи.

– Хуморот и сатирата одат едни со други. Неодамна на едно прашање како може да има сатира без да се навреди некој, јас реков дека може. Нема такво нешто како хумор кој на некаков начин не е на сметка на нешто друго. Кога човекот пишува, на тој начин сака да изнуди некаква реакција, а за мене е важно да не се плашам. Ако нема страв, нема ни храброст – објасни Попов.

Јагода Михајловска-Георгиева, надоврзувајќи се на Попов, рече дека нема ништо пострашно од стравот.

– Стравот нè парализира и нè разболува и ние ја губиме слободата, личната слобода. Нема општа слобода ако нема внатрешна слобода. Има една изрека „Животот во страв е половина живот“, а јас би рекла дека животот во страв и не е живот, туку само поминување на тој неопходен пат за секој човек додека да стигне до крајот – рече таа.

Беше отворена и темата колку е важно издавачите кога застапуваат еден автор дали се раководат според тоа колку експлицитно пишуваат за политичките случувања или од други критериуми кои не треба да имаат политичка, идеолошка или друга рамка.

– Она што можам да го кажам како агент е дека претставувам автори кои беа уапсени и затворани. Како агент треба да ги заштитам писателите што ги застапувам, да им помогнам да ја зачуваат слободата на изразување и едноставно да им се даде слобода да го пишуваат она што го мислат. Дури и тоа да не е пријатно за некој режим, тие треба да го прават – објасни Астие.

Вергетер, уредничка во австриската издавачка куќа „Пол Солнај и Дојтик“, која преведува повеќе балкански автори, појасни дека нивната работа не е да бараат слични автори, туку добри автори.

– Да најдеме некои важни гласови, да ги најдеме луѓето што имаат да кажат нешто за нивната земја, за нивниот живот, за нашите животи и добро да ги преведеме за да помогнеме да се пренесе книгата од една култура во сосема друг таков контекст, а истовремено да ги заштитиме книгата и авторот. Мојата работа е да му помогнам на авторот да има што е можно помалку страв – дополни Вергетер.

И Катја Урбанија од словенечката издавачка куќа „Гога“, која е родена во 90-тите, вели дека забележала кај издавачите голем интерес за овој период. Иако универзалните приказни се тие што се на цена, таа додава:

– Сè додека авторот е искрен со себе, може да го најде пазарот за себе.

Трибината ја заокружија домашните писатели Александар Прокопиев, уметнички директор на „Про-За Балкан“, и Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска