Тркалезна маса „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“

Од:

Со заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), благодарение на посветеноста на претходните и актуелните генерации лектори и професори, на странските универзитетски центри, творештвото на Блаже Конески се перципира, вреднува и истражува како синоним за македонската култура, е главната констатација на тркалезната маса „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“, што се одржа виртуелно, во рамките на 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.

На тркалезната маса беше посочено дека преку наставата по македонистиката, странските слависти и македонисти, не само што се запознаваат со творештвото на великанот, туку продолжуваат и со негово истражување, со интерпретации и толкувања на неговата поезија, како и со нови преводи.

Беше истакната дека во периодов, како резултат на присуството на делото на Конески во наставата, на странските универзитети се спроведуваат неколку значајни проекти коишто му се посветени токму нему, како истражувачки, така и преведувачки, а веќе се планираат и нови, коишто ќе следат по големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески.

Тркалезната маса со поздравно обраќање ја отвори директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а со свои излагања учествуваа д-р Намита Субиото – професор по македонски јазик во Љубана, Словенија; д-р Кристина Дуфкова – професор по македонски јазик во Брно, Чешка; м-р Марина Цветаноска – лектор по македонски јазик во Истанбул, Турција; м-р Ѓоко Здравески – лектор по македонски јазик во Париз, Франција; м-р Златко Панзов – лектор по македонски јазик во Будимпешта, Унгарија; м-р Биљана Стојановска – лектор по македонски јазик во Риека, Хрватска; м-р Елена Мицевска – лектор по македонски јазик во Краков, Полска и м-р Марија Пандева – лектор по македонски јазик во Москва, Русија.

Како што беше посочено од повеќето учесници, влогот на Конески во лингвистиката е само еден сегмент од она што се изучува на странските универзитети. Преку исчитувањето и интерпретирањето на неговата поезија, новите генерации посветеници на славистиката ја спознаваат и македонската историја, но едновремено и македонската традиција и македонскиот фолклор. Клучно, преку неговото дело, студентите на светските универзитетски центри спознаваат не само еден од најголемите лингвисти, туку и еден од најголемите поети и мислители на Европа во XX век. За неговото творештво, особено за неговата поезија, на светските универзитетски центри се изучува како за сегмент од најголемите вредности на европската култура, што е дополнителен предизвик нему да му посветуваат и свои истражувачки и преведувачки проекти, беше посочено на тркалезната маса.

Учесниците на тркалезната маса споделија искуства од практиката, како соодветно, научно издржано, но и современо, вклучително и мултимедијално, творештвото на Блаже Конески се предава на странските универзитети. Притоа се потврди дека токму најсовремените методи во наставата се применливи со творештвото на Конески и уште поважно – токму тие и се применуваат при неговото претставување и изучување на странските универзитетски центри, дотолку што на некои од универзитетите, веќе се гради и простор за нешто што може да се перципира и како одделен предмет – Коневистика. Разменетите искуства ќе придонесат и за натамошни вложувања во начинот на којшто достоинствено, за Конески се говори и истражува пред и со новите генерации странски слависти. Одделно беше говорено и за предизвиците за преведување на неговото творештво, имајќи предвид дека иако е еден од најпреведуваните македонски автори, во некои културни средини сѐ уште има простор и потреба од нови преводни изданија, особено на поезијата на Конески и активно се работи на тоа, со силна поддршка од МСМЈЛК при УКИМ.

На настанот беше договорено вакви средби на коишто професорите и лекторите од странските универзитети разменуваат искуства од наставата да се одржуваат редовно и почесто.

На 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ учествуваат 40-тина странски слависти и македонисти од 15 земји од светот. По завршувањето на Школата, на 3 и 4 септември ќе се одржи и Меѓународната научна конференција во организација на МСМЈЛК при УКИМ.

Би можело да ве интересира

Објавена книгата „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски

Во Струмица промовиран Зборникот „Уште едно навраќање кон Конески“

Ана Ололовска

Промоција на зборникот „Конески на 11 јазици“

Стефоска: Конески оформи национален пристап во оформувањата

Ана Ололовска

Царовска: Делото на Конески е аманет

А1он

Свечен собир на МАНУ: Чествувањето на Конески е чествување на кодот на нашата држава, нација и идентитет

Ана Ололовска