Тестаменталната порака на Горан Стефановски ќе одекне низ светот преку нови преводи – активност на МСМЈЛК при УКИМ

Од:

Откако минатата година, пораката на Горан Стефановски од неговиот последен есеј „Искра што се измолкнува“ одекна на сите јазици на Европската Унија (ЕУ), годинава ќе одекне во превод од македонски на уште низа јазици. Виетнамски, корејски, турски, руски и српски се дел од јазиците на кои веќе е преведена тестаменталната порака на истакнатиот македонски драмски автор и есеист, а преводите ќе бидат објавени деновиве и во видео-формат. Веќе се очекуваат и уште неколку други преводи. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) и по заокружувањето на чествувањето на 70-годишнината од раѓањето на Стефановски, остварувајќи една од своите цели – афирмација на македонските културни вредности во странските академски и културни средини преку соработката со филолозите од странство, продолжува со активности за вреднување и афирмирање на неговото дело.

– Должни сме македонските културни достоинства да ги вреднуваме и афирмирме постојано, а не само тогаш кога се случуваат одредени јубилеи кои се значајни за македонската култура. Затоа и не запревме со активностите кои ги остваривме во чест на Стефановски во 2022. – годината кога се навршија 70 години од неговото раѓање, туку продолжуваме и понатаму, како впрочем и до афирмацијата и вреднувањето на творештвото на сите македонски автори чиешто творештво и се изучува во рамките на наставата на странски универзитети. Оваа, конкретна активност е и сомболична, но и активностите во ваков формат придонесуваат за натамошен продлабочен интерес за македонистиката во странство, неретко и со нови научноистражувачки и преведувачки потфати, како и воопшто за јакнење на релациите меѓу македонската и другите култури, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

„Сите живи суштества се раѓаат со инстинкт за преживување. Пајаците, за да преживеат, ткаат мрежи. Луѓето, за да преживеат, ткаат приказни. За нас нема ништо поважно од овие приказни. Тие се сржта на нашиот живот, ‘рбетот на нашиот идентитет.“ Ова е пораката на Горан Стефановски, која минатата година, со проект на Делегацијата на ЕУ во Скопје и Европската куќа во Скопје во соработка со МСМЈЛК при УКИМ беше преведена на сите јазици на ЕУ, при што учесници на школите, Меѓународната научна конференција и работилниците на МСМЈЛК при УКИМ подготвија 15 од преводите, со кои симболично, во пресрет на новогодишните и божиќните празници беше украсено и Горановото Дебар Маало. Овие преводи беа промовирани и во видео-формат. Сега, со преводите кои ќе ги објави МСМЈЛК при УКИМ, оваа порака на Стефановски ќе биде достапна и на јазици кои се говорат надвор од ЕУ, вклучително и на јазици кои се говорат воопшто надвор од Европа.

Преводите ќе се објавуваат на страницата на МСМЈЛК при УКИМ на социјалнта мрежа Фејсбук (https://www.facebook.com/msmjlk), при што пораката на Стефановски ќе биде претставена со прочит на преведувачите од странство – студенти по македонистика на странските универзитети и соработници на МСМЈЛК при УКИМ. Денес, веќе е и објавен првиот превод на пораката – од македонски на виетнамски јазик.

Инаку, минатата година, во чест на Стефановски беше и Втората зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ, а посебно внимание на неговото творештво беше посветено и на 55. Летна школа, со одделно предавање и во рамките на лекторската настава по литература. На творештвото на Стефановски му беа посветени и есии на минатогодишната, 49. Меѓународна научна конференција, која беше и прв научен собир посветен на истакнатиот македонски драмски автор и есеист по неговото физичко заминување. Годинава, во рамките на своите изданија, МСМЈЛК при УКИМ ќе објави преводи на дел од текстовите на Стефановски од книгата „Конзервирани импресии“, а ќе биде објавен и зборник со научноистражувачки трудови кои се однесуваат на неговото творештво и претставуваат негови нови исчитувања, кои произлегуваат од минатогодишната Меѓународна научна конференција.

Годинава, со Третата зимска школа на МСМЈЛК при УКИМ започна четвувањето на јубилејот 100 години од раѓањето на великанот Ацо Шопов. Школата беше прва остварена активност од националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“, а МСМЈЛК при УКИМ планира и други активности во чест на Шопов во текот на годината.

Би можело да ве интересира

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување на колективен договор и изедначување со УКИМ

Горан Наумовски

Ристов: Непочитувањето на колективен договор на УКИМ е кршење на принципот на владеење на правото

Ќе се зголемува школарината за студентите: Предлогот за поскапување испратен до студентските собранија

Орце Костов

Професори од УКИМ бараат пријавата против ректорката Ангелова да биде приоритет за Антикорупциска

Катерина Ѓуровски

Професори од УКИМ поднесоа пријава до Антикорупциска против рекорката Биљана Ангелова

Уписи на УКИМ – слободни 10 473 места за бруцоши на 23-те факултети