ВИДЕО: Светската премиера на „Врба“ на Манчевски на 19 октомври во Рим

Од:

По една година од почетокот на снимањето на „Врба“, режисерот Милчо Манчевски денеска соопшти дека светската премиера на неговиот шести игран филм ќе биде на 19 октомври на 14. Филмски фестивал во Рим. „Врба“ ќе биде прв македонски филм што ќе учествува во официјалната селекција на овој фестивал, селектиран од уметничкиот директор Антонио Монда.

На фестивалот на кој учествуваат холивудски ѕвезди и оскаровци, филмот на Манчевски е во официјална селекција меѓу 30-ина филмови, меѓу кои е и премиерата на новиот филм на Мартин Скорсезе „Ајришмен“ (The Irishman).

Директорот на Агенцијата за филм Горјан Тозија на прес-конференцијата со режисерот Манчевски истакна дека со првото селектирање на наш филм во официјалната програма во Рим, македонската кинематографија освојува нова територија. Тој рече дека „Врба“ е континуитет на соработката со режисерот кој на земјава ѝ го донсе најголемиот успех со „Златниот лав“ во Венеција во 1994 година.

– Рим не е толку познат како фестивалите во Кан, Венеција и Берлин, но е со неверојатно истенчен вкус и е многу тешко да се влезе. Трема е да се биде во селекција со Скорсезе. Милчо е еден од македонските билборди во светот. Очекувам возбуда и успех каков што во изминатите две години имаме со наши филмови, рече директорот на Агенцијата за филм, која го поддржа „Врба“ со 1,2 милиони евра.

Манчевски претходно снимаше во Њујорк и Куба, а во земјава и со домашна поддршка немаше снимано десетина години (од филмот „Мајки“) затоа што, како што изјави лани, тука не можел да дојде во ситуација да работи филм бидејќи бил на црна листа.

– Убаво е чувството повторно да се режира тука, убаво е да не си во егзил. Јас сакам да работам во Македонија дури и кога морам главната поддршка и финансиери да ги организирам во светот, а потоа да го донесам проектот тука, како што беше со „Пред дождот“ и „Прашина“. Во овој случај првпат имав организациска поддршка од продукцијата и од Агенцијата како што никогаш не сум имал досега. По многу години искуство, имав инфраструктура во која можеш комотно да работиш, тоа е исто толку убаво колку и задоволството од завршениот филм, рече Манчевски.

„Врба“ е во продукција на „Банана-филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција во која учествува и Албанија. Лани се снимаше два месеца (октомври и ноември) во Мариово, Преспа, Трескавец и во Скопје и е завршен неколку дена пред рокот. Според продуцентот Јане Ќортошев, тоа се должи на добрата организација и планирање.

„Врба“ е филм за лојалност, љубов, доверба и мајчинство, кој спојува приказни за три млади мајки – едната се случува во 17 век, а другите две се современи.

– Приказните се надополнуваат, а во исто време се и контраст една на друга. Љубовни приказни во кои главната тема е лојалност, меѓутоа и односот на општеството кон поединецот и на поединецот кон општеството. Имаме среќен крај овојпат, рече режисерот. Соопшти дека наскоро „Врба“ ќе има и голема домашна премиера и редовно прикажување во кината во земјава.

Во актерската екипа на неговиот нов филм се: Петар Мирчевски, Сара Климоска, Ненад Нацев, Камка Тоциновски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ, Наталија Теодосиева и Никола Ристески.

Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс.

Би можело да ве интересира

Venom 3 доби официјално име и датум на излегување

Предраг Петровиќ

Се снима краткиот игран филм „И покрај сè“

Филмот „Dune: The Second Part“ заработи над 200 милиони долари за само три дена

Уапсен маж осомничен за неовластена дистрибуција на филмот „Недела“

Бен Афлек го откри најлошиот филм во кариерата

Скорсезе снима нов филм за Исус кој нема да трае три часа: Се обидувам да ја доближам религијата до луѓето