Стојаноски: Статуетката „Аплауз“ го претставува највисокиот чин на награда за еден актер

Од:

Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп синоќа беше затворен 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ и беа доделени наградите на најдобрите. Според одлуката на фестивалското жири, што со голем аплауз ја поддржа и публиката, најдобра е претставата на Битолскиот театар „Бакхи-краток преглед на распадот“. Таа ја понесе бронзената статуетка со ликот на патронот – Војдан Чернодрински.

Како новина на Фестивалот е доделувањето награда од публиката. Публиката по секоја, а беа осум претстави, гласаше и ја оценуваше одиграната претстава. Таа награда, поради највисоката оцена 4,85, ја понесе претставата на Прилепскиот театар „Пиреј“. Станува збор за статуетка во „полимермер“ во форма на раце кои аплаудираат. Автор на статуетката е Марјан Стојаноски, дипломиран скулптор кој работи во ликовната дејност во Прилепскиот центар за култура „Марко Цепенков“.

Според Стојаноски, идејното решение на статуетката само се наметнало. Се знае со што се наградува секоја публика – со аплаузот.

– Статуетката е доделена како награда од публиката за најдобрата, според неа, претстава. Оттука, дојде и идејата за идејното решение, за изгледот на статуетката. Аплаузот на публиката го претставува највисокиот чин на награда за еден актер – уметник. Статуетката е композиција од машка и женска рака вклопени во аплауз. На машката рака во долниот дел на дланката се сместени двете маски: трагедија и комедија кои се симболот на театарот. Мислам дека самата статуетка ја кажува пораката: аплаузот е награда од публиката. Тргнуваќи од тој аспект, со прилепската локална самоуправа решивме, а општината е таа која ја доделува, аплаузот да биде примарен дел на статуетката во композицијата со маската, симболот на театарската уметност, рече Стојаноски.

Материјат од кој е изработена статуетката „Аплауз“ во висина од 30 сантиметри е полимермер.

– Прилеп, како град на мермерот, познат од дамнешни времиња, е синоним за квалитетен мермер. Меѓутоа, од технички причини не беше изводливо статуетката да се изведува во природен мермер, бидеќи, таа во реална големина на раце вклопени во аплауз, со висина од околу 30 сантиметри, плус постамент, би била прилично тешка. Размислував од кој материјал да ја изведам, а да биде достојна за дадената пригода. Се одлучив за „полимермер“ материјал кој е релативно нов и не е многу познат на нашиве простори. Беше предизвик за реализацијата, бидеќи има посебна техника на работа и бара подолго искуство при подготовката, објаснува Стојаноски.

Прилепскиот скулптор Стојаноски е задоволен од делото и сета симболика што ја претставува.

– За мене како автор, тоа беше доста сериозна работа кога не смее да има импровизација во материјалот, ниту, пак, смее да се работи дело без квалитет, без душа, што би рекле, ние уметниците. Пособено значење има тоа што е награда од публиката. Уметноста живее за публиката и од публиката. Задоволен сум од реализацијата на делото. Мислам дека ја постигнав целта: Со една мала статуетка да ја доловам симболиката на наградата, а се надевам дека и добитникот ќе биде задоволен од делото кое го изработив, вели скулпторот Стојаноски.

Би можело да ве интересира

Почина актерот Мустафа Јашар

Светски ден на театарот, бесплатни претстави во Скопје

(ВИДЕО) Српски актер го прекина настапот поради жена која телефонираше: Немам нерви како коњ

Предраг Петровиќ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ

Премиера на „Петар Пан“ во Струга, средствата од влезниците хуманитарно за Бојан

Ана Ололовска

По повеќе од 30 години прво гостување на македонски театар на сцената на Народниот театар во Албанија

Ана Ололовска