Стоечки овации за „Врба“ на Манчевски на белградски ФЕСТ

Од:

Со долготраен аплауз и стоечки овации мина синоќешната прва проекција на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски на реномираниот фестивал ФЕСТ во Белград, на која присуствуваа и режисерот со главните актери Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Никола Ристески и Камка Тоциноски. „Врба“ е во главната конкуренција за награди на ФЕСТ, а интересот на публиката е огромен, како за синоќешната, така и за следните две проекции на 3 и 4 март.

По оваа српска фестивалска премиера, од мај „Врба“ ќе игра и на редовниот кино-репертоар во Србија.

Голем медиумски интерес имаше и за вчерашната прес-конференција на ФЕСТ на режисерот Манчевски заедно со актерската екипа.

„Пуштам да ме води приказната – јас сум само средство за приказната сама да се раскаже. Се трудам приказната да ја слушам како музика – следам дали секоја нота е на место. Тоа важи за приказната, како и за кастингот, снимањето и така натака. На почетокот никогаш немам порака или тема, туку приказна и чувства – чувството на тежина пред да падне дожд, чувството на страв во коските. Кога тоа еднаш ќе тргне, ако е убава соработката, се склопува убаво уметничко дело. А потоа чекам публиката да ми каже која е праката“, рече режисерот Манчевски на прес-конференцијата и додаде дека клучното чувство кое го одвело во „Врба“ е „чувството кое некое дете би го имало кон бајка, кон голем, архаичен, непознат свет. Тоа за мене беше иницијалната каписла. Потоа следуваше контрастот, па и третата приказна – некако секогаш завршувам со три приказни“.

„Врба“, кој е најгледаниот филм во Македонија, од ФЕСТ патува на 40. издание на Фантаспорто во Порто, еден од 20-те водечки во светот, каде филмот ќе биде прикажан на 6 март во програмата „Недела на режисери“. Месецов ќе ја има и американската премиера, во натпреварувачката програма на Синеквест, еден од најстарите и најреномирани фестивали во САД (од 3 до 15 март) во Сан Хозе и Редвуд Сити, Калифорнија.

Овој и следниот месец следуваат и фестивалите во Софија и Истанбул. Минатиот месец „Врба“ имаше премиера и во Нов Зеланд и доби награда за најдобар филм на камерниот фестивал за независни филмови во Велингтон.

Би можело да ве интересира

„Врба“ на Манчевски во балканска офанзива ја освојува публиката во Софија и Тирана

А1он

Изложба на фотографии од Милчо Манчевски во МСУ

Ана Ололовска

„Врба“ на Манчевски во трка за Европски оскар

Ана Ололовска

„Врба“ номиниран за најдобар меѓународен филм на фестивалот Рејнденс во Лондон

Ана Ололовска

Француска премиера на „Бикини Мун“ на фестивалот во Нанси

Ана Ололовска

„Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“, вели „Варајати“ за „Врба“ на Манчевски

Ана Ололовска