Стефоска: Да го зачуваме и да го негуваме аудиовизуелното културно наследство

Од:

Министерката за култура Ирена Стефоска по повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство – 27 Октомври денеска упати порака да го зачуваме и да го негуваме аудиовизуелното културно наследство.

– По повод Светскиот ден на аудиовизуелното наследство, 27 Октомври, сакам да им оддадам почит на Јанаки и Милтон Манаки, кои се вбројуваат меѓу пионерите на светската кинематографија. Благодарејќи на овие „медиумски чудотворци“, нашата земја и сиот Балкански Полуостров, коишто во почетокот на XX век беа далеку зад западниот свет во развојот на техниките и технологиите, одеднаш се најдоа во авангардата на документарниот филм, а со тоа и во никулците на седмата уметност, се вели во соопштението од Министерството за култура.

Министерката за култура посочува дека има една чудна симболика во првиот кадар што го снимиле Јанаки и Милтон, кој ја прикажува како преде нивната 114-годишна баба.

-Како што може да се прочита во монографијата Манаки од Игор Старделов, што од неодамна е достапна на порталот на Кинотеката на Северна Македонија: „бабата Деспина го врти роданот, а кај нас почнува да се врти филмот. Роданот потсетува на зоотопот (тркалото на животот), којшто, пак, е предвесник на филмот. Сето тоа му дава повеќеслојно значење на овој историски кадар, со кого што започнува нашата кинематографија“. Само десетина години по изумот на „апаратот за добивање и гледање на хронофотографски отпечатоци” на браќата Лимиер во Франција, браќата Манаки ги снимија своите први филмови и ни оставија незаменливи сведоштва во кои се запишани фрагменти од нашата историја, се вели во соопштението.

Стефоска нагласува дека овој вреден дел од нашето културно наследство мора да го чуваме и да го негуваме. Како што препорачува УНЕСКО, меѓународната организација која одлучи во 1980 година да го прогласи 27 октомври за Светски ден на аудиовизуелното наследство: „Главните напори на сите меморијални институции, но и на пошироката јавност, треба да бидат насочени кон тоа да се зачува овој вид наследство и да се направи достапно за публиката”.

– Современите медиуми значително придонесуваат за демократизација и популаризација на архивските материјали преку разни дигитални платформи. Со тоа, несомнено, се подигна јавната свест и започнаа голем број проекти за важноста на дигитализацијата и дигиталната реставрација на овој вид културно наследство. Но не треба да заборавиме дека и дигитализираниот материјал не е вечен и дека многу бргу застаруваат технологиите за негова поддршка. Затоа, реставрацијата и конзервацијата на старите формати, како што се 35-милиметарскиот филм или магнетните ленти, се, исто така, од исклучителна важност. Нека им е честит 27 Октомври на сите културни дејци што работат во областа на аудиовизуелните уметности, се вели пораката од министерката за култура Ирена Стефоска.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ