Српското дуо Владимир Марковиќ на виолина и пијанистката Јулијана Шуловиќ вечер на „Охридско лето“

Од:

Музичката програма на годинaшното 61-во издание на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на српското дуо Владимир Марковиќ на виолина во пијано придружба на Јулијана Шуловиќ.

Владимир Марковиќ започнува да учи музика во родната Приштина, а продолжува во училиштето за таленти во Ќуприја. На само 14 години станува студент на Академијата во Нови Сад во класата на Павел Верников, а потоа го завршува образованието на Државиот музички колеџ „Чајковски“ во Москва ( кај проф. М. Глезарова) и на Московскиот конзерваториум (проф. С. Кравченко). Магистерската титула ја добива на Универзитетот на Источно Сараево во Босна и Херцеговина (проф. И. Јашвили), а докторските студии ги завршува на Универзитетот Слобомир во Бјелиња (Бих).

Тој е победник на повеќе натпревари во поранешниот Советски сојуз и поранешна Југославија. Настапува во Германија, Австрија, Италија, Франција, Грција, Кипар, Србија, а соработува со диригентите: Рудолф Баршаи, Константин Кримец, Павел Коган. Концерт-мајсторската позиција ја зазема во Камерниот оркестар „Виртуози ди Кумо“ во Финска, Камерниот оркестар „Симфониета“ во Белград, камерниот оркестар „Гудачи на Св.Ѓорѓе“. Подеднакво активен како солист и педагог, тој држи мајсторски курсеви и е член на меѓународни жирија. Марковиќ е шеф на катедрата за гудачки инструменти на Универзитетот на Источно Сараево, а предава и на Универзитетот „Слобомир“ и во музичкото училиште „С. Мокрањац“ во Белград.

Јулијана Шуловиќ започнува да учи пијано на петгодишна возраст во училиштето „Јосип Славенски“ во Белград каде го завршува нижото и средно музичко училиште во класата на Драгана Трајиќ. Дипломира на Музичката академија во Белград кај професорите Игор Лазко и Јасмина Гавриловиќ. Специјализира и ги завршува постдипломските студии на Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва кај проф. Михаил Воскресенски.

Победничка е на повеќе натпревари во поранешна Југославија, а концертната кариера ја гради како во земјите на регионот така и во Русија, Естонија, Италија, В. Британија, Романија, Грција и др. Остварува снимки за РТВ Белград, ТВ Нови Сад и Радио Скопје, а нејзините снимени и издадени материјали вклучуваат ЦД со виолончелистот Милета Станковиќ, ДВД со наслов „Омилени виолински концерти за основното музичко образование“ и „Сонати за виолина и пијано“ – двете со Владимир Марковиќ и ДВД со изведби на барокни сонати за виолина и пијано. Активна и како музички публицист- таа е автор на тв-емисии посветени на годишнините на Моцарт и Брамс, а реализира и интервјуа со Јуриј Башмет, Миша Мајски и Гидон Кремер. Јулијана Шуловиќ предава на Универзитетот на Источно Сараево и во музичкото училиште „С. Мокрањац“ во Белград.

Концертот на уметниците од Србија е со почеток од 21 часот во катедралната црква „Света Софија“.

Би можело да ве интересира

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма

Музичка вечер на „Охридско лето“ со концертот на професионалниот мешан хор „Про Арс“

Вечер на Украина во рамките на „Охридско лето“ со пијанистот Алексеј Ботвинов

Црногорскиот виртуоз на виолина Роман Симовиќ на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ пијано рецитал на Френк Дупре и претставата „Ана Каренина“ на Театарот од Нови Сад

Предраг Петровиќ

Полска вечер на „Охридско лето“ со концертот на гудачкото дуо Салвадор