Средба на СКРМ со министерот за култура Алаѓозовски

Од:

Вчера, Синдикатот на културата на Република Македонија и Министерството за култура, организираа отворена средба во НУ Драмски Театар Скопје, на која членовите на синдикатот имаа прилика да разговараат со министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, за тековните проблеми и идните перспективи за билатерална соработка, односно социјален дијалог со СКРМ.

Од страна на министерот беа презентирани заложбите на министерството за подобрување на состојбите во културата преку изработка на нови законски решенија кои се предвидени со Националната стратегија за култура и акцискиот план. Исто така, министерот направи и осврт на Нацрт колективниот договор, изработен од работна група на Министерството за култура, при што соопшти дека до Министерството за финансии се доставени три финансиски проекции како потенцијални импликации од колективниот договор. Министерот јасно потенцираше дека во текот на 2018 година ќе бидат финансиски валоризирани стручните звања, унапредувањата и распределувањата на посложени работни места. Во 2018 година, министерството ќе започне и со нивелација на платите со цел да се надмине меѓуинституционалниот јаз и јазот меѓу различните дејности. Оваа нивелација ќе започне од дејноста на Заштитата на културното наследство, музејската дејност, библиотечната дејност и кинотечна дејност како најзагрозени од финансиски и социјален аспект.

Во однос на Законот за култура, Министерот соопшти дека Нацрт решение ќе биде изработено до крајот на јуни, кое потоа ќе влезе во процедура на јавна расправа. По усвојувањето на Законот ќе започне социјален дијалог за Нов колективен договор, така што во 2019 година, културата ќе влезе со сосема нови закони и нов колективен договор. Со оглед на големите импликации во буџетот на Република Македонија, останува можноста комплетната финасиска имплементација на Колективниот договор да биде реализирана во неколку фази.

Членовите на Синдикатот изнесоа голем број забелешки за моменталната состојба во институциите која е резултат на минатите политики и која сè уште не е санирана. Тие упатија критика кон одредени в.д. директори што не преземаат конкретни мерки за утврдување на неправилностите и незаконското фунцкионирање во минатото, што не пристапуваат кон решавање на незаконските систематизации, измислените работни места и толеранцијата кон одредени вработени кои подолго време не се појавиле на работните места. Исто така, членовите на синдикатот упатија прашање по кои критериуми се назначуваат в.д. директорите затоа што меѓу нив има лица кои се некомпетентни, односно немаат стручен и професионален кредибилитет.

Средбата заврши во позитивна атмосфера со јасен апел од министерот дека СКРМ треба отворено да реагира на сите проблеми и аномалии сè со цел тие да бидат корегирани и санкционирани. Исто така, Министерот нагласи дека во претстојниот процес на изработка на нови законски решенија ќе бидат вклучени претставници на Синдикатот на културата на Република Македонија. Членовите на Синдикатот изразија задоволство од средбата и искреноста на Министерот, порачувајќи дека вакви средби треба почесто да се одржуваат, со што, преку отворен дијалог активно ќе се придонесува за подобрување на состојбите.

Би можело да ве интересира

Работниците контра министерката за култура: Зголемувањето на платите е два, а не 12 отсто

Орце Костов

Почина актерот Мустафа Јашар

Квинтетот на Симон Трпчески и оркестарот „Ајга“ со два концерти во Скопје

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ