Во Мала станица, вечерва, во 20.00 часот, ќе биде презентиран проектот под наслов „Во прво лице“ во кој ќе бидат претставени 22 современи македонски уметници: Методи Ангелов, Јован Балов, Атанас Ботев, Гордана Вренцоска, Горанчо Ѓорѓиевски, Велимир Жерновски, Јана Јакимовска, Славица Јанешлиева, Роберт Јанкулоски, Ѓорѓе Јовановиќ, Верица Ковачевска, Љубомир Милошески, Ангел Миов, Моника Мотеска, ОПА, Ирена Паскали, Зоран Попоски, Нада Прља, Игор Сековски, Александар Спасоски, Дијана Томиќ Радевска и Микица Трујкановиќ.
Делата претставени на изложбата „Во прво лице“ се однесуваат на поинаква ангажирана појавност на авторот во сопствените дела.
„Изборот, базиран врз дела / автори кои поттикнуваат реакции преку различни содржински компоненти, ја изоставува издвоената интроспекција, и фокусот се поместува на личното доживување кон надворешниот свет. Авторите критички и директно реагираат на стварноста околу нив, без оглед дали таа стварност е нарација од минатото и е базирана врз лична, семејна, колективна, национална меморија (С. Јанешлиева, Д. Томиќ-Радевска, З. Попоски, М. Мотеска…); ироничен однос кон историјата на уметноста (И. Паскали, А. Миов, В. Жерновски, М. Трујкановиќ…); однос кон институциите / институциите на/и системот на уметноста / маркетингот на уметноста (ОПА, Ѓ. Јовановиќ, А. Ботев, Г. Вренцоска, В. Ковачевска, М. Ангелов, Г. Ѓорѓиевски…); или, пак, е саркастичен однос кон доживеаната или „претскажана“ актуелна културно-политичка и социјална стварност (Р. Јанкулоски, Љ. Милошески, Ј. Јакимовска, А. Спасоски, И. Паскали, И. Сековски, Н. Прља, Ј. Балов).“, пишува кустосот на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска.