Со промоција на Господинов, Видојковиќ, Карановиќ, Перкер, Блатник и Старова почна фестивалот „Про-за Балкан“

Од:

Во Даут-пашиниот амам,синоќа беше отворено 4-то издание на Меѓународниот литературен фестивал „Про-за Балкан. Публиката одблиску можеше да се запознае со писателите Георги Господинов од Бугарија, Марко Видојковиќ и Звонко Карановиќ од Србија, Асли Перкер од Турција, Андреј Блатник од Словенија и со Луан Старова од Македонија. Делата на годинашните гости ги промовираа писателите Александар Прокопиев, кој е уметнички директор на фестивалот, Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на наградата „Прозарт“ и Елизабета Шелева.

Присутните ги поздрави директорот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој предложи Македонија да стане земја во фокус на најголемиот Саем на книга во светот, во Франкфурт.

-Сите земји што ја реализирале идејата, не зажалиле, Турција е добар пример за тоа. Македонија треба да ја сфати работата сериозно, рече Трајкоски.

-Годиниве што поминаа, на „Про-за Балкан“ дојде извонредна група автори, важни издавачи, автори разнородни по своите творечки патишта. Гостите што ги имаме и годинава имаат свој пат и клуч во творештвото. Крајната цел е македонската публика да се запознае со автори чии дела не само што се регионално важни, но преминуваат и граници. Сите автори што ги имаме како гости, се веќе преведени на македонски јазик, а од друга страна, зачестија и преводите на нашите автори на јазиците во регионот. За нас е многу важно што гостин ни е Џон О Брајан, од „Далки архив прес“, рече Прокопиев.

Тој зборуваше и за делото на Господинов, кој е добитник на наградата „Прозарт“, што ја доделува фестивалот. Прокопиев истакна дека без разлика каква е структурата на романите на познатиот бугарски писател, во богатата композиција постои лиричност, која насети дека доаѓа од неговата поезија.

-Поезијата е многу важна за луѓето што пишуваат романи реченица по реченица. Јас почнав со поезија, така што таа шизофренија помеѓу двата жанра, мене ми е многу важна. Во „Физика на тагата“ ми беше важно да разработам различни стилови на раскажување, има хексаметар, Сократов дијалог, митолошки расказ и ми беше важно како се ќе се собере во една целина. Книгата има и места за одмор, кога читателот, треба да си ги собере мислите и да продолжи, рече Господинов.

Тој се осврна на зборот тага, истакнувајќи дека на Балканот кога ќе се изговори тага, боли во грлото. „На италијански, на пример, е меланхолија и колку тоа лесно звучи. Тагата има географија, балканската тага е погуста, додаде гостинот од Бугарија.
На темата за егзилот зборуваа Елизабета Шелева и Луан Старова, авторот на циклусот-романи „Балканска сага“. Во романите на Старова се наметнува егзилот. Тој се прашува и колку турцизми има во денешните балкански јазици. Може ли да се биде победник од егзилот, беше едно од прашањата за кои говореше Шелева.

– Јас ги прифатив разликите како можна егзистенцијална разврска, оти моето семејство е насекаде, растев во повеќе јазици, има низа работи што прават да бидам дел од еден среќен егзил, а дали постои излез, па мислам дека заради тоа и пишувам. На нашиве простори се вкрстиле многу цивилизации. Често се интересирам за јазикот во регионот и колку јазиците на земјите од Балканот лесно попримаат странски зборови, а своите ги губат, рече Старова.
Андреј Блатник е во друштвото на гостите, кој во трите дена дури трае фестивалот ќе ги промовира своите дела. Долгогодишниот претседател на жирито на Литературниот фестивал во Виленица беше гостин на „Про-за Балкан“ пред неколку години, а него го претстави Ермис Лафазановски. Блатник истакна дека годинава претседател на жирито на неговиот фестивал е токму Лидија Димковска. Додаде дека се повеќе македонски автори се преведуваат на словенечки јазик. На прашањето како стои женското писмо, Блатник даде еден оптимистичен, еден песимистичен одговор.

-Добивам впечаток дека и марганизираните групи во општеството добиваат простор да се изразат, тоа е оптимистичко гледање, а песимистичкото е, дека кога некоја професија е во криза, тогаш настапуваат жените, рече Блатник.

Единствената жена-писателка на фестивалот е Асли Перкер, која е една од најпопуларните авторки од Турција. Таа е новинарка и писателка, актуелна во нашата земја со книгата „Гробот на џелатите“, во издание на „Бата прес“. Таа објасни за нејзината фасцинација со гробовите и колку тоа било нормално во времето кога растела.

-Книгата ја пишував во Њујорк и баш се чувствував како во егзил. Бев тажна, ми недостасуваше мојата земја.

Српскиот автор Звонко Карановиќ, кој е подолго време во Скопје, како автор на резиденцијален престој, истакна дека бил многу пријатно изненаден од гостопримливоста на луѓето во градот.

-Имав здравствен проблем, луѓето многу ми помогнаа. Споменот од Скопје ќе ми биде токму за луѓето, а не за спомениците. На нашите општества им се случија многу непријаности, многу од луѓето закачија депресија, некои наведнаа глава и на некој начин имав потреба сите тие приказни да ги искористам во моите книги, рече Карановиќ.

Авторите-гости на фестивалот, вечерва од 19 часот ќе ги потпишуваат свои книги во книжарницата „Икона“, во „Сити мол“.