Со премиера на „Медена земја“ заврши „Македокс“

Од:

Со бурен и долготраен аплауз синоќа беа дочекани три моменти на последната вечер на 10. „Македокс“ . Првиот беше објавата на наградата „Млад кромид“ – за најдобар филм на нови автори, која филмот „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска ја доби „поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап“.

Вториот восхитувачки момент беше излегувањето на комплетната филмска екипа на „Медена земја“ заедно со членовите на групата „Фолтин“ пред публиката по премиерната проекција на филмот во Скопје. Филмската екипа потенцира дека по многуте проекции на филмските фестивали и многуте награди што филмот ги добива во светот, оваа беше најзначајната проекција за нив бидејќи беше прва пред домашната публика.

Одговарајќи на прашања од публиката поврзани со филмот, главната протагонистка Атиџе Муратова ја откри магијата за нејзината прва средба со филмската екипа велејќи дека имала животна мака што сакала некому да му ја каже и дека режисерите Тамара и Љубомир ја пронашле во најтешките моменти во нејзиниот живот.

Третиот момент беше кога Атиџе се качи на сцената и испеа неколку песни од нејзината традиција на средината од концертот на „Фолтин“.

Последната вечер на 10. „Македокс“ помина со огромен интерес на публиката, а Куршумли ан беше исполнет до последното столче.

„Дојдовме до крајот на јубилејното 10. издание на ‘Македокс’. Ова беше прекрасна година со импресивни впечатоци за нас, а огромниот интерес и сѐ помногубројната публика се награда за целиот фестивалски тим на ‘Македокс’. Би сакала да им се заблагодарам на сите ним, на вас како публика и на сите гости што направија убава атмосфера годинава“, рече селекторката на главната програма, Петра Селишкар, на затворањето на фестивалот.

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ се одржа од 21 до 28 август во Куршумли ан и во МКЦ, прикажа 70 документарни филма во повеќе категории.

Би можело да ве интересира

Почна фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“

Видеохроникa од патувачкото кино во Преспа

Бесплатна филмска проекција за загревање за 13. „МакеДокс“

Ана Ололовска

13-то издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“

„Македокс“ – отворен повик за волонтери

„Македокс“ објави повик за продуценти/автори на документарни филмови за форумот МакеКоПроДокс

Жарко Настоски