Со предавања на гостите од Хрватска и Бугарија завршува првиот дел на КРИК – фестивал за критичка култура

Првиот дел на годинашното четврто издание на КРИК – фестивал за критичка култура завршува вечерва во 19, 30 часот во Чифте амам, со предавањата на Лина Гонан, филозоф и активистка од Загреб и на Станимир Панајотов, од Бугарија, кој се занимава со компаративни родови студии.

Во предавањето на Гонан насловено „Геј нормалност и антиинклузивистичката квир мисла“ ќе биде изложен концептот на геј нормалноста која ја изнел германскиот теоретичар Петер Друкер, како и избор од теоријата на современата анти-инклузивистичка/антиасимилациска квир теорија. Ќе наведе, зошто според неа популарните квир социјални политики не се одржливи.

И како афирмацијата на маргиналните позиции, како што се: теоријата на квир социјалната репродукција, теоријата на родниот нихилизам и трансфеминизмот во денешно време претставуваат предизвик во квир движењето.

Станимир Панајотов во своето предавање „Резервна армија на смртта“ ќе говори за поимот „резервна армија на смртта“, засновајќи ја својата теза врз тековната литература за некрополтиките (Мбембе, Грижиниќ) и врз теоријата за „резервната работничка армија“ на Маркс и Енгелс. Резервната армија на смртта ја дефинира како фигура на целосно остварување на капиталистичката утопија: крајно ослободување на капиталот од работничката сила. Сепак, според него, ова ослободување не треба да кулминира во конкретен утописки хуманизам на релаксација и брагосостојба/ (welfareism).

Напротив, Панајотов смета дека премостувањето на капиталот од дијалектичките граници на резервната армија на трудот станува предвесник на смртта. Производството веќе не е врзано за политичкиот поим на животот и субјективитетот, кои се самите сведени на суверенот.

Во рамки на првиот дел од годинашното издание на КРИК – фестивал за критичка култура, кој годинава е на тема „Човек без својства – политики на маргините“, се одржаа пет предавања, семинар, како и програмата „Критичко читање низ филмови“. Продолжението на фестивалот ќе се одржи во втората половина на годината.

„Особено ни е важно прераснувањето на КРИК во платформа и форум за критичка култура во постојан разговор и конфронтација со сите можни алтернативи на промислување на општеството, политичкото и културата, низ агонот со нормираното, зададеното и воспоставеното“, велат програмските уредници на фестивалот, Искра Гешоска и Артан Садику.

Би можело да ве интересира

Предавање „Илјада маргини“ на Артан Садику вечерва на КРИК

Ана Ололовска

Првиот дел од 4. КРИК-фестивал почнува со предавање на Нејтан Браун од Канада

Ана Ололовска

Почнува 4. КРИК – Фестивал за критичка култура

Ана Ололовска

Со предавањето на Алфредо Саад Фиљо, вечерва завршува првиот дел на КРИК 03

Ана Ололовска

КРИК годинава ќе ги преиспитува парадигмите на моќта

Ана Ололовска

Меѓународен фестивал за критичка култура КРИК

Ана Ололовска