Со изложба на фотографии на Милчо Манчевски, почнува шестиот фестивал „BookStar“/„Книжевни ѕвезди“

Од:

Шестото издание на Фестивалот на европската литература „BookStar“/„Книжевни ѕвезди“ ќе се одржува цел месец октомври, со различни настани и активности. Слоганот на фествалот е „BOOKSTAR-20 vs. COVID-19“.

Како што соопшти организаторот – Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје, првиот настан во рамки на Фестивалот ќе биде изложба на фотографии на македонскиот режисер Милчо Манчевски, која ќе биде отворена утре вечер, во 20 часот, во Музејот на современата уметност. Ќе биде промовирана и книга со фотографии од изложбата „Таму“, во издание на „Антолог“. Во книгата и изложбата се избрани 88 колор фотографии, создавани во период од десет години.

Со „Таму“, Манчевски го промовира новиот хаштаг #никропнифотошоп (#nocropnophotoshop) со кој посочува дека неговите фотографски дела не се ниту кропирани, ниту манипулирани во постпродукција. Тие се моменти на уличното секојдневје естетизирани во мигот на улов.

Следниот фестивалски настан е промоцијата на книгата „Шардоне и шпагети карбонара“ од младата македонска авторка Марта Димитров, што ќе се одржи на 5 октомври 2020 година, со почеток во 19 часот, во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци, родниот град на авторката. Книгата ќе ја промовира рецензентката Цветанка Колева, а модератор на настанот ќе биде Диме Коцевски.

На 7 октомври ќе се одржи третиот фестивалски настан, онлајн-разговор со шведската авторка Софија Лундберј, авторка на „Црвениот адресар“ и на „Прашалникот е половина срце“, кој ќе се прикажува во книжарницата на „Антолог“ во Центар (веднаш до Гимназијата „Јосип Броз Тито“) со почеток во 19 часот. Разговорот ќе го води Кристина Велевска.

Во текот на октомври, организаторот најавува физички, но и онлајн настани. Настаните ќе бидат најавувани на официјалниот настан на „Фејсбук“.

„BookStar“ цел октомври ќе биде и месец на европската литература и сите изданија поддржани од проектот Креативна Европа на Европската Унија ќе се продаваат по специјални намалени цени во книжарниците на „Антолог“ и онлајн на antolog.mk.

Би можело да ве интересира

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“

Отворање на изложба „Кобалт Синергија“ во МКЦ

Горан Наумовски

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

„Кајмак“ на Манчевски награден на фестивал во Палермо

Отворање на изложба на скулптури „Зодијак” на Митко Дамјановски

Изложба на Ване Костуранов – „Таен премин кон Месечината“