Скопје филм фестивал почнува на 9 септември, програмата содржи 20 играни и документарни филмови

Од:

Во среда од 19 часот во Кинотека на Северна Македонија, почнува 23-то годинешно издание на Скопје филм фестивал, информираат од Скопје филм фестивал. Почетокот на фестивалот ќе го означи австралиско – британскот филм „Вистинската историја на Бандата Кели“ во режија на Џастин Курзел (Justin Kurzel), базиран на романот на Питер Кери за најпзнатиот разбојник од Австралија Нед Кели, во кој се појавуваат Џорџ Меккеј и Расел Кроу. Веднаш потоа следува проекција на филмот „Џулиета од духовите“, првиот од ретроспективата на Фелини.

– Среќни сме што Скопскиот филмски фестивал успеа да опстои и што и во услови на пандемија го отвораме 23 –то издание. Оваа година програмата ја прилагодивме на условите, но со голем број значајни филмови, заеднички со Кинотеката. Од придружните програми ја издвојувам изложбата на Зоран Кардула, наш извонреден уметник и дизајнер, како и големата ретроспектива на филмови по повод 100 години од раѓањето Фредерико Фелини, вели Татјана Јаневска, директорка на фестивалот.

Скопје филм фестивал, за своето 23-то издание донесе разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди повеќе од дваесет играни и документарни филмови поделени во три програми: Панорама на светски филм, Денови на квир кино и Ретроспективна програма на филмови од Федерико Фелини.

Програмата Светски филм на публиката во Скопје филм фестивал ќе и донесе пресек на актуелите и наградени филмови од врвните светски фестивали во текот на 2019 и 2020 година, како Санденс фестивалот и Берлинскиот филмски фестивал.

Трета година по ред, Скопје филм фестивал ја реализира програмата „Денови на Квир кино“ во која се прикажуваат филмови што одбиваат да бидат невидливи и што смело прераскажуваат приказни што креираат еден нов културен простор. Низ политика на репрезентација преку филмската уметност, фестивалот прави обид да отвори теми кои извираат од квир културата, да преиспитува контексти, искуства и идеи низ филмскиот кадар и да создаде инклузивно место каде што ќе се артикулираат гласови од маргините. Селектор на оваа програма е Крис Белони.

Особено атрактивна е годинашната голема Ретроспектива во чест на италијанскиот и светски великан на филмската уметност, Федерико Фелини, по повод 100 – годишнината од раѓањето на големиот мајстор. Оваа програма се реализира во соработка со Кинотека на С. Македонија и Италијанската национална кинотека. Во рамки на оваа програма ќе бидат прикажани десет филмови на Фелини.

Автор на плакатот за годинашното издание на фестивалот е македонскиот дизајнер и уметник Зоран Кардула. Годинава, во галеријата на Кинотека на С.Македонија меѓународно познатиот македонски уметник ќе ги изложи своите верзии на 11 плакати од филмовите на Фелини. Изложбата ќе биде отворена за времетраење на фестивалот, во галеријата ќе можат да влезат ограничен број на посетители.

Зоран Кардула е плоден автор, препознатлив по својот стил, со широк опсег на интерес кој вклучува режисери, уметници, борци, бруталистичка архитектура, Арт Деко и Баухаус стил , редизајн на продукти од ерата на Југославија…

Во рамки на програмата на фестивалот ќе биде отворена и изложба на дела на учесници на обуката за Артивизам. Осум учесници научија како да го користат методот на Артивизам да ја кренат свеста и да го зајакнат знаењето за човековите права и правата на ЛГБТИК+ заедницата. Овие инспиративни млади луѓе користеа различни форми на уметност (илустрации, фотографија, анимација, итн.) да ги создадат своите постери. Нивните дела ќе бидат изложени во фоајето на Кинотека во рамките на програмата „Денови на квир кино“.

Од 9 до 13 септември ќе се одржи петдневна филмска работилница која ќе вклучи практична работа за основните филмски техники и камера, развивање на индивидуални идеи за филм, работилница за монтажа, а последниот ден и создавање на 9 кратки филмови. Предавачи и обучувачи на оваа работилница ќе бидат професионалци од филмската индустрија од Холандија и Македонија.

Програмите на 23. издание на Скопје филм фестивал, од 9 до 16 септември ќе се одржуваат во Кинотека на Северна Македонија, на отворено, со ограничен број седишта и со примена на сите мерки од протоколот за здравствена заштита.

Би можело да ве интересира

Со новиот филм на Гаспар Ное завршува 25-от Скопје филм фестивал

Ана Ололовска

Најновиот филм на Бандерас и Пенелопе Круз утре на Скопје филм фестивал

Ана Ололовска

„Смачено ми е од себе“ и промоција на книгата на Уневска, утре на Скопје филм фестивал

Ана Ололовска

25. издание на Скопје филм фестивал почнува со канскиот победник „Триаголник на тагата“ и изложба на плакати

Ана Ололовска

Вечер завршува 23. Скопје филм фестивал

Ана Ололовска

Завршува годинешниот 23. Скопје филм фестивал

Ана Ололовска