Шести „Топол културен бран“ со 110 настани во 29 општини

Од:

Сто и десет настани во 29 општини ќе опфати шестиот „Топол културен бран“ што го организира Министерството за култура, за да ги доближи националните остварувања во културата до сите граѓани на државата.

И оваа година манифестацијата ќе се реализира во две етапи – првата од 20-ти до 31 јули и втората од 20-ти до 31 август.

Општините се избрани на конкурсот во мај, а нивниот одѕив со апликации за учество бил голем што го поттикнало Министерството да продолжи со дисперзирањето на културата во летните месеци.

Критериуми за избор на понудените програми биле квалитетот и инфраструктурниот капацитет во општините.

– Во досегашните пет изданија, манифестацијата несомнено ја постигна својата цел, доближувајќи ја културата до сите граѓани на Република Македонија. Интересот секоја година е се поголем. Дисперзирањето на културните содржини низ градовите создаде силен културен импулс, кој ги допира областите на неформалната едукација и презентација на културните вредности кои ги произведуваме како држава. Во изминатите пет изданија успеавме да го збогатиме културното живеење на граѓаните и ја зголемивме нивната свест за културата и нејзините вредности, истакна министерката Елизабета Канческа-Милевска на прес-конференција.

Во 29-те избрани општини ќе гостуваат професионалните театри, Македонската опера и балет, националниот ансамбл „Танец“, концерти на „Синтезис“ и „Љубојна“, фолклорни друштва, проекции на македонски и филмови за деца, рок и поп-концерти, гостувања на естрадни имиња, изложби, поетски вечери.

Министерката ги спомна и голем број други настани од годишната програма кои се одржуваат во јули и август низ Македонија – културните лета во Охрид, Скопје, Прилеп, Битола, Балкански фолклорен фестивал, Галичка свадба, Фестивал на античка драма во Стоби, Струшките вечери на поезијата, Крушево етно-град.

Градоначалницте на Велес, Пробиштип и Дојран, кои денеска присуствуваа на прес-конференцијата, му се заблагодарија на Министерството што со „Топол културен бран“ им го збогатува секојдневието на нивните жители.

Велешкиот градоначалник Славчо Чадиев го најави гостувањето на Театарот за деца и младинци со „Македонска приказна“ и концертот на „Синтезис“ во јулската етапа од манифестацијата, како и гостувањето на КУД од Хрватска, а во август концерт ќе има Кристина Арнаудова, ансамблот „Келтикум“, како и тамбурашки оркестар од збратимениот град Сомбор. Рече дека програмата е избалансирана, со домашни и странски гостувања и со различни жанрови. Потсети и дека е во тек Фестивалот на античка драма во Стоби.

Градоначалниците на Пробиштип и Дојран, Тони Тоневски и Борче Стамов, посочија дека поддршката од државата е особено важна за малите општини. Во јули во Пробиштип ќе гостува „Танец“, а во август ќе има концерти на  Миле Кузмановски, „Нокаут“, настапи на Игор Џамбазов и на повеќе диџеи и локални бендови, а на Денот на рударите, 28 август, таму ќе гостува Владо Јаневски.

Дојранскиот градоначалник Стамов истакна дека за нивната општина манифестацијата е значајна не само за жителите, туку и за голем број туристи и заради нив внимаваат во викендите да има културни содржини.

Во рамки на „Топол културен бран“ во Дојран ќе има концерти, театарски гостувања од Струмица (две претстави од НТ „Антон Панов“ и аматерска на Млад градски театар), стендап-комедии и филмска недела на отворена сцена. Концертите на Палменка Трајковска-квартет и на Сашо Гигов-Гиш ќе бидат во специфичниот амбиент на црквата „Св. Илија“.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Муамер Абедин, самоук музичар на повеќе од десет инструменти: Научив да свирам од велешката чалгија во која уживал и турскиот султан

Орце Костов

Костадиновска-Стојчевска објасни: Не финансираме фестивал во Косово, туку наши театри кои ќе учествуваат

А1он

Детска интерактивна музичка претстава „Операта на шумските животни“ во НОБ

Предраг Петровиќ

Отворање на изложбата „Носиме уметност“

„Кавалерија рустикана“ од Пјетро Маскањи во НОБ

Во Битола премиера на театарската претстава „Вујко Вања“

Предраг Петровиќ