Семакедонски собир во чест на великанот Гоце Делчев во Прилеп

Од:

По повод 147-годишнината од раѓањето на македонскиот великан Гоце Делчев во Прилеп се одржа семакедонски собир на Македонците кои живеат во соседните земји. Оваа средба е традиционална и се одржува по 17-ти пат во организација на граѓанската иницијатива за национална, културна и европска интеграција на македонскиот народ „Не има“. Одбележувањето годинава е под мотото „Македонскиот јазик е нашата татковина“.

Според Илија Богатиноски, од граѓанската асоцијација „Не има“, целта е да се подигне свеста за зачувување и изучување на мајчиниот јазик на Македонците кои живеат во соседните земји и во дијаспората.

-Се надеваме дека на овој начин ќе успееме да се подигне свеста кај Македонците за изучувањето на сопствениот јазик, култура и да се зајакне нивниот идентитет. Соработуваме со Македонците во Гора, Косово, во Албанија, во Грција, Бугарија, во Хрватска, Србија, со Македонците кои се насекаде низ светот. преку овие средби се обидуваме да им помогнеме на нашинците и се надеваме, како граѓанско здружение, да ја имаме поддршката од Министерствтоо за култура и други поддржувачи. Пред неколку години имавме проект за отворање народни школи во соседните земји и мислам дека резултатите од тоа се уште се чувствуваат, изјави Богатиноски.

Таќи Гроздани од тегионот на Мала Преспа, Албанија вели дека и од нас зависи колку сакаме да си го зачуваме мајчинот јазик и културните придобивки.

– Во Мала Преспа имаме институционално изучување на македоснкиот јазик, зашто 60 отсто од наставата во средното училиште е на македонски јазик. Потребно е така да биде и во другите делови на Албанија каде има Македонци. Да се изучува според законите во Албанија како што се изучуваат странските јазици. Но, јазикот се изучува и со фолклорни групи, со одржување претстави и традиционални манифестации. Но, битно е и родителите да ги воспитуваат од мали децата да си го негуваат и да си го сакаат мајчиниот јазик. Во секој случај, албанското општество полека се демократизира и потребно е ние повеќе да се заложиме да се учи македонскиот јазик, вели Гроздани.

Стојан Николов Георгиев од „ОМО Илинден“ од Бугарија ја поздравува тематската иницијатива на семакедоснкиот собир.

– Убава е иницијативата и многу е битно почитувањето на јазикот. Тоа треба сите да го прифатиме и е мерило за културата и идентитетот на еден народ. Има и декларација која ние како здружение ќе ја публикуваме, вели Николов Георгиев.

Ангел Митревски, член на Советот за национални малцинства во Хрватска ги нагласува позитивните придобивки што ги имаат како национално малцинство во Хрватска кои верува дека ќе ги следат и другите држави.

-Верувам дека ќе може да покажеме со нашиот позитивен пример како и другите држави би можеле да го решаваат прашањето за јазикот на националните малцинства. Имаме 25-годишни позитивни искуства на македонската заедница во Хрватска составена од 6 здруженија. Го искористивме сите права што ни ги дава уставниот закон за малцинствата. Имаме отворено 8 паралелки со изборен јазик – македонски во основни, а последните четири години, и три паралелки во средни училишта. Со влегувањето на Хрватска во ЕУ, парактично и македонскиот јазик го внесовме во Унијата, изјави Митревски.

Учесниците потпишаа и заедничка декларација за конкретни чекори за меѓусебна доверба и соработка околу прашањата за образованието на македонското малцинство во согласност со сите меѓународни договори и конвенции.

Семакедонскиот собир учесниците ќе го заокружат утре, 4 февруари на денот на одбележувањето на 147 годишнината од раѓањето на великанот Гоце Делчев. Ќе бидат положени свежи цвеќиња пред бистата на Гоце Делчев во прилепското основно училиште што го носи неговото име и ќе се одржи беседа за револуционерот.

Би можело да ве интересира

Во финална фаза подготовките за поставување бистата на Гоце Делчев во центарот на Пустец

Катерина Ѓуровски

Петмесечно бебе со голема кашлица хоспитализирано во Прилеп

Вандали уништиле мермерни плочки околу спомениците – Урни во Могилата на непобедените во Прилеп

Четири работнички од Непал му избегале на газдата во Прилеп, случајот пријавен во полиција

Орце Костов

Во прекин сообраќајот на патот Прилеп – Градско поради сообраќајка

Жена од Прилеп се заканувала дека ќе запали кафеана

Горан Наумовски