„Сеќавање за Сион“ – изложба на Давид Атанасоски

Од:

Во Галерија на МКЦ вечерва, со почеток од 20:00 часот ќе биде отворена самостојна изложба на Давид Атанасоски насловена „Сеќавање за Сион“.

Кураторката Ангела Витановска за делата на Атанасоски вели дека тие бараат согледување, размислување.

– Тие се моќни во привидот на едноставноста. И секое дело одделно егзистира како автохтон сегмент. Тие го добиваат значењето на универзалното, погледот кон Спасителот. Неговиот „објектив“ навлегува во порите на инкарнатот, кој обилува со светоста на духовноста и со сакралноста на животот. Наизглед сосема спонтани и едноставни, неговите дела се секвенци на опозитот на сите контрасти и сеќавања што ги носи животот, кои кај секој од нас, наеднаш знаат да се извишат во хармонија на една чиста духовност, во која се забележува една нескротлива и на моменти, навидум „дива“, амбивалентна ритмика, а сепак структура што авторот успеал да ја „скроти“ и да ја претвори во една совршена целина, каде што секој сегмент од картонот го пронашол своето место, оформувајќи една целосно хомогена структура, што всушност е и еден од главните цели на неговиот истражувачки процес, наведе Витановска.

Таа истакна дека ритмичното повторување на сегментите во целината, ја нагласува динамиката што авторот претендира да ја создаде, која во голема мера зависи од позиционирањето на парчето картон или хартија и точно одредениот пресек на внатрешноста што го дава движењето и рамнотежата на композицијата.

– Употребувајќи рециклирачки и лесно модулативни материјали, интенциозно насловувајќи ја оваа своја изложба „Сеќавање за Сион“, младиот автор нѐ навраќа на сегментите и на секвенците од колективната меморија на библиското случување, побудувајќи изобилство на сензации во пресоздавањето, претставувајќи го трансформативниот процес на тлото земја, кој одбрал да го искористи како појдовен инспиранс во својот истражувачки процес, во овој случај светото парче земја – Ерусалим и околината, со акцент на библискиот Сион, образложи Витановска.

Таа потенцираше дека делата на младиот автор, со композициона структура специфична за неговиот ликовен израз, оставаат впечаток на зачудувачка неделивост и совршена компактност, каде што сѐ е толку складно и слеано, истовремено упатувајќи и на некаков посебен мир и скротена експресија…

– Оваа негова изложба е во континуитет на неговите досегашни реализирани проекти, каде што смело нурнува во срцевината на тематиката што ја истражува, и во нему веќе својствен манир, вешто запазувајќи ја суштествената структура на материјалот, нагласувајќи ја податноста на картонот и хартијата, ја започнува својата нарација за библискиот Сион, преку тивок и ненаметлив говор, шепот од одбрани мисли што раскажуваат, посочи Витановска.

Давид Атанасоски е млад уметник, роден во Прилеп 1995 година, во 2018 година завршува факултет за ликовни уметности во Скопје, отсек Вајарство со конзервација и реставрација. Член на меѓународната организација за уметност и култура Narrative Movment.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“