Сè уште се разгледуваат музичките апликации, кај драмските и визуелните немало пропусти

Од:

За Фестивалот за деца „Златно славејче“ кој не доби буџет за 2019 година, сепак ќе има поддршка, затоа што Kомисијата превидела дека доставил изјава за простор за одржување на настанот. Но одлуката на комисијата останува непроменета за Скопскиот џез-фестивал и Оффест, како и за продукцијата „Авалон“ и за фолклорниот „Пеце Атанасовски“ затоа што документацијата им е нецелосна.

Комисијата ќе чека од министерот за култура насоки дали на овие фестивали, за кои имаше најмногу реакции по објавувањето на резултатите од Годишната програма, ќе им биде даден дополнителен рок за да ги достават документите.

Претседателот на комисијата за фолклор, музичка и музичко-сценска дејност Плеурат Гаши на прес-конференција денеска рече дека од вчера разгледале стотина одбиени апликации, а предност им дале на овие фестивали бидејќи, како што рече, неправедно била крената врева и се слушала само едната страна. Повторно констатирале дека тие имаат само пријави.

„Големи фестивали го прекршиле законот. Наидовме на предмети без основни документи. СЏФ немаше ниту програма, ни изјава за уметници-учесници и за локации, без планиран буџет и активности. Бидејќи е голем настан, од директорот Оливер Белопета побаравме дополнителни документи врз основа на што ќе одредиме сума. Истото и за Оффест. Остана глув на нашите барања и со одговор дека така било и порано. Не знам како било порано, но ние сакаме да работиме чесно, домаќински и професионално. Не смееме да потпишеме ако видиме и најмал дефект, ако фали документ. Не сме работеле под пресија или нечие настојување и ќе докажеме дека сме праведни“, рече Гаши.

За „Авалон“, рече, немало изјава за простор, каде ќе бидат концертите на Кравиц, Рамацоти и Стинг, а само пријава на конкурсот доставил и фестивалот „Пеце Атанасовски“ од Долнени. Во однос на поддршката на културно-уметнички друштва, Гаши рече дека иако има нови, може да се квалитетни и со ветерани во составот. За нив, рече, се воделе според квалитетот и луѓето, но за да нема злоупотреба го ограничиле максималниот износ на 100.000 денари.

Додаде дека, како во случајот со „Златно славејче“, можни се пропусти зашто, како што рече, човечки е да се греши со над 2000 примени апликации. Продолжуваат да ги разгледуваат одбиените апликации и доколку има прифаќање и новоообрени проекти ќе има пари зашто и законски еден дел од вкупниот буџет се чува за жалби и приговори. Буџетот за музика е 95 милиони денари, а за фолклор 25 милиони денари.

Комисијата за драмска дејност ги разгледала сите одбиени апликации, 96 од 149 пријавени, по што останува на истиот став, соопшти на прес-конференција Хисмет Рамадани, член на комисијата. Посочи дека одлуката била едногласна, вклучувајќи го и претседателот на комисијата Петар Арсовски, кој беше отсутен од здравствени причини, како и актерот, Оливер Митковски кој по објавата на резултатите имаше издвоено мислење.

Истакна дека одбиените проекти или не биле квалитетни односно, како што рече, потфрлиле во минатите години, или немале целосна документација. На пример, Фестивалот на античка драма „Стоби“ не добил поддршка затоа што не доставил биографии на учесници и портфолио. Располагале со 80 милиони денари, од кои десет проценти се нераспределени и наменети за жалби. Од театрите најголем буџет има МНТ, 10 милиони денари, а со буџетот е предвидено и основањето нов театар во Гостивар.

Медина Хоџа, член на комисијата за визуелни уметности, архитектура и дизајн, на нивната прес-конференција денска во Министерството за култура информираше дека ги разгледале повторно сите одбиени апликации, немаат забелешки зашто утврдиле дека не се направени пропусти.

Располагале со 30 милиони денари буџет, а дале 21,9 милиони денари за прифатени проекти. Одбиле девет апликации на национални установи, 75 на локални, 59 на здруженија и 46 самостојни проекти.

Причините биле различни, но главно затоа што немале основна документација. Повеќето од нив не доставиле опис на проектот кој, според новиот начин на оценување, носи 40 бода.

Би можело да ве интересира

Министерството за култура доделило 900.000 денари за бришење на шкртаниците од Шарената револуција тврди ВМРО-ДПМНЕ

Скандалозни, неприфатливи и спротивни на националниот интерес – ДПМ за резултатите од Конкурсот за проекти од национален интерес од културата

Катерина Ѓуровски

Почна скринингот за ковид во основните училишта

(ВИДЕО) Стефоска и Гаџа во дебатата за проекти во културата: Нема веќе одлучување според етнички проценти

Ана Василевска

По средбата на Заев со Адеми ќе се знае дали ќе се поништи дел од конкурсот на Министерството за култура

Арсов: Потребна е комплетна промена на моделот на финансирање во културата

Сандра Бошковска