Со поддршка од Министерството за култура во тек е конзервација и реставрација на спомен-куќата на еден од најистакнатите македонски револуционери, народниот херој Стеван Наумов–Стив, во Битола, во која од 1977 година е сместена и постојана музејска поставка.
– По долги години запоставеност и големи оштетувања, овој значаен споменик на културата ќе биде комплетно реконструиран. За таа цел, стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола изработија проект за конзервација и реставрација на фасадите на спомен-куќата, на покривната конструкција и на внатрешноста на објектот. Во рамките на проектот ќе се изврши и обновување и осовременување на музејската поставка со цел адекватна заштита и понатамошно зачувување на Меморијалниот музеј на Стив Наумов, како и негова популаризација од аспект на промоција на богатото историско наследство на Битола, соопшти денеска Министерството за култура.
Народниот херој Стив Наумов е едно од најсветлите имиња во историјата на Битола кој загинал на 22-годишна возраст во борба со фашистите кај село Болно, Преспа, заедно со поетот Мите Богоевски.