Се отвора изложбата „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани во МСУ – Скопје

Од:

На 4 ноември, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена самостојната изложба „Лаењето на облаците не ги повредува кучињата“ на Дритон Селмани од Косово. Куратори на поставката се: Владимир Јанчевски, Ива Димовски и Благоја Варошанец.

Селмани е еден од тројцата наградени автори за „Најуспешен автор и дело“ на минатогодишното 13. Меѓународно биенале на млади уметници, а наградата подразбира реализација на самостоен проект во МСУ – Скопје.

Презентирајќи разновидност и сајт-специфична интервенција во просторот на МСУ-Скопје, изложбата на текстуални дела, објекти и видео се обидува да воспостави нови релации во дадениот контекст, јасно покажувајќи ги начините на кои Селмани духовито користи специфична форма на хумор за да го истражи и преиспита секојдневието, коешто обично се врзува за апсурдни традиции и хиерархиски структури. Делата се фокусираат на различни прашања од нашата несигурна современост, почнувајќи од популарната култура, до доминантните дискурси на моќта, кои ги обликуваат нашите животи и ги преиспитуваат историските наративи, стереотипите, чувството на припадност и исклученост.

„Историјата на МСУ-Скопје, како симбол на солидарноста е многу важна за мене. Идејата за тоа како „солидарноста“ може да опстане во вакви времиња и да биде платформа за прикажување и на мојата уметничка практика е фантастично искуство за мене. Изложбата содржи уметнички дела, фокусирани на различни прашања од нашата современа состојба. Многу ме интересира препознатливоста на секојдневието, најчесто врзанa за апсурдни традиции и хиерархиски структури, како што се популарната култура и доминантните дискурси на моќта. Па така, се обидувам да ја пренесам оваа состојба на умот во уметнички дела, кои несвесно содржат хумор, како критика на она што веруваме дека е дефинитивно“, вели Селмани.

Неговите дела се конструирани како имагинарен дијалог, со публиката, но и со самиот себе, како серија куси изјави или реторички прашања, отворајќи нови перспективи за нашето разбирање на себството, за заедничкото и за различните аспекти на современиот живот.

Насловот на изложбата јасно покажува како Селмани користи неочекувани сопоставувања и иронија – извртување на берберска изрека, со референца на стих на едно од неговите омилени поетски дела, „Туѓинецот“ (L’Etranger) од Шарл Бодлер. Тој ги бара и ги наоѓа точките, каде што јазикот се прекршува, каде што отвора јаз, пукнатина меѓу нештата, зборовите и новоконструираната слика, трансформирајќи го познатото во зачудна уникатна ситуација, а потоа повторно се враќа од фикциското кон разбирање на секојдневието.

Интервенирајќи во областа на јазикот, од старата народна мудрост до поезијата и детските песни, практиката на Селмани ги допира стравовите, неволјите и грижите што ги изразуваат обичните луѓе.

Дритон Селмани (Урошевац, Косово / 1987) работи и живее во Приштина и Догановиќ. Магистерските студии ги завршил на Универзитетот за уметност во Бурнемут, Велика Британија. Досега има изложувано на самостојни и групни изложби (во Стационарниот центар за современа уметност Приштина, Музејот „Лудвиг“ во Будимпешта, „Кунстраум Нидеростерајх“ Виена, „Каса Контемпоранеа“ Сао Паоло, Медитеранско Биенале 16 Анкона, У10 Белград, 5-то Биенале во Маракеш, Фестивалот на светлината во Амстердам, „Фабрика дел Вапоре“ Милано, Биеналето во Брегенц, „Ексчиесета“ Полињано-а-Маре, Национална уметничка галерија Тирана, Центар за современа уметност Солун, Еугстер || Белград, Фестивалот на светлината во Норкепинг, Кунстмузеум Базел, како и на 14. Манифеста во Приштина, 2022).

Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Р.С. Македонија и ќе биде отворена до 25 февруари 2023 година.

Би можело да ве интересира

Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

Предраг Петровиќ

Во Музеј галерија Кавадарци изложба на дела од ликовниот уметник Новица Трајковски

Во Струмица изложба „10 до 12“ на Костадин Батев

Се отвора изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ СКОПЈЕ 1964 – 2024“

Во Кавадарци отворена изложбата на скулптури „За послушноста”

Изложба на академскиот сликар Валентина Поцеска во “Галерија Метаноја“