Романот „Капут од мов“ од Стефан Тиќми ќе биде промовиран во „Литература.мк“

Од:

Новиот роман за деца и млади „Капут од мов“ од наградуваниот српски писател Стефан Тиќми ќе биде промовиран на 9 ноември (среда), во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“ . Промотори на книгата, која е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе бидат уредничката Оливера Ќорвезироска и Ермис Лафазановски.

„Капут од мов“ е поетски роман за созревањето, за осаменоста, за уметноста, за љубовта и за природата како лек против најразличните проблеми на современиот човек заглавен во односите со другите, но и со себеси. Во него има и магичен реализам и епска фантастика и бајковитост, но најмногу од сè го има разгранетиот талент на Тиќми.

Авторот на популарниот и сакан роман „Јас сум Акико“, добитник на наградата на „Политикин забавник“ за најдобра книга за деца напишана на српски јазик во 2018 година, во „Капут од мов“ ја извишува крошната на својот талент, така што и небото и шумата на книжевноста му прават сè поголемо место. Приказната за Најден, кому на грбот му расте дрво, е приказна за сите наши тежини и товари, но и лирско трасирање на патот по кој треба да заминеме или да се вратиме кон суштината. Топла, креативна, мајсторски засадена приказна никната како чудесен роман. И за деца и за возрасни.

Стефан Митиќ-Тиќми е роден во 1992 година во Лесковац, Србија. Дипломирал на Факултетот за спорт и физичко воспитување во Ниш. Се занимава со производство на јаглен и производство на текстови (за деца и за возрасни, за театар, телевизија, видеоигри…). Тој е еден од најпрепознатливите нови автори во српската книжевност за деца и млади. Негови најзначајни дела се: „Ме фатија кукли“ (Арте, 2015), „РизиКво“ (друштвена игра, 2017), „Јас сум Акико“ (Лагуна, 2018), „Детска белградска пролет“ (сценарио, РТС, ДКЦБ, 2019), „Капут од мов“ (Лагуна, 2020), „Тука, на дофат на маката“ (Повеља, 2020) и „Џем на облак“ (краток поетски филм, 2021).

Романите „Капут од мов“ и „Јас сум Акико“ се класифицирани меѓу најдобрите 200 детски книги на светот во изборот на списанието „Вајт рејвенс“ (White Ravens), што го издава Минхенската библиотека (Internationale Jugenbibliothek). Добитник е на Октомвриската награда на град Лесковац – за исклучителен придонес кон културата, афирмација на детската литература и општественото ангажирање.

Според книгата „Јас сум Акико“, која е наградена и со наградата на „Политикин забавник“ и со плакетата „Детска книга на годината“ на Меѓународниот фестивал „Плоштад од книги“ во Херцег Нови, наскоро во Скопје премиерно ќе биде одиграна претстава во продукција на независниот македонски театар „Провокација“.

Би можело да ве интересира

Промоција на монографијата „Чашуле: Приказнувачот“ на Ана Стојаноска на фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп

Ана Ололовска

Работилница за книжевен превод „Без фусноти“

Ана Ололовска

Промоција на книга на Оливера Доцевска во Белград

Ана Ололовска

Промоција на романот „Полиглот“ од Игор Станојоски

Ана Ололовска

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Ана Ололовска

Промоција на книга од Дијана Петрова во Градската библиотека

Ана Ололовска